Преполно на Линч на 15. Филозофски филмски фестивал, следува гостување на Мартин Ередеро Кампо
- Aleksandar Santovski
- May 26
- 3 min read
26.05.2025 Maj Ponedelnik
Првите четири фестивалски дена од 15. Филозофски филмски фестивал поминаа во возбудлива атмосфера и убава посетеност. Покрај отворањето на фестивалот, видно најпосетена беше проекцијата на „Изгубен автопат“ од Дејвид Линч, при што гостинот од Турција, Озер Озкантар, одржа излагање на тема „Изгубени автопати на умот: истражување на кинематографската филозофија на Дејвид Линч“.
Публиката ја гледаше првата половина од филмовите во официјалната селекција на долгометражни филмови и три филма од официјалната селекција на долгометражни филмови: „Последен здив“ од Коста-Гаврас, „Универзален јазик“ од Метју Ренкин и „Новата година што никогаш не дојде“ од Богдан Мурешану. По проекциите, посетителите имаа можност да ги оценат филмовите и со тоа да партиципираат во дизајнирањето на наградата „Златен був“ за најдобар филм според публиката. Исто така, се прикажа и селекцијата на турски краткометражни филмови, проследена со излагање на проф. Сердар Озтурк и дијалог со публиката.
На првата понеделничка проекција од 18 часот публиката ќе има можност да ги гледа преостанатите седум филма од официјалната селекција на краткометражни филмови: „Црна дупка кај округот Кент“ (2023) од Хана Скирбик, „Возвишени врвови“ (2025) од Диого Салгадо, „Барајќи рече заборавив“ (2024) од Наоми Пасифик, „Џејмс“ (2024) од Андрес Родригес, „Речиси сигурно погрешно“ (2024) Џансу Бајдар, „Горчлива трпеза“ (2025) од Хорхе Тиелен Арманд и „Химна на чумата“ (2024) од Атака 51.
Потоа, од 21 часот ќе биде прикажан непалскиот филм „Шамбала“ од Мин Бахадур Бам како четврти филм од официјалната селекција на долгометражни филмови. Приказната се одвива во хималајското полиандриско село во Непал, каде што тукушто мажената и бремена, Пема се обидува да го извлече најдоброто од својот нов живот. Но,набргу нејзиниот сопруг Таши ќе исчезне на трговскиот пат за Ласа. Во придружба на монахот Карма (брат на нејзиниот исчезнат сопруг) таа тргнува на патување низ суровата дивина за да го пронајде својот маж, а тоа се развива во трагање по слободата и себеоткривање. Исполнет со неверојатна визуелна раскошност „Шамбала“ допира до безвремените и универзални теми поврзани со љубовта, доблеста, потрагата по среќата во животот и слично. Филмот нè води на едно ретко интимно визуелно и мистично филмско патување во егзотиката на непалската култура и традиција.
Претпоследниот ден на Фестивалот ќе почне со филм што постигна голем успех во Шпанија и на меѓународната сцена, „Светите невини“ од Марио Камус, дел од ревијалната програма: филм филозофија. По филмот, ќе зборува гостинот од Шпанија, Марио Ередеро Кампо, на тема „Каде лежи злото“. Дејството на овој филм се случува во рурална Шпанија во 60-тите и прикажува семејство на шпански селани што слугуваат на имот на моќни земјопоседници. Со бруталниот приказ на огромните социјални разлики помеѓу бесчувствителната аристократија и потчинетата работничка класа, филмот на Марио Камус создал автентична студија за Шпанија во времето на режимот на Франко, во која, и покрај катарзичниот расплет, останува неподносливото сведоштво не само за страдањето на членовите на едно семејство туку и на цели општества и епохи жртвувани за сметка на моќта на привилегираните.
Втората проекција за денот, во 21 часот, е резервирана за последниот филм од официјалната селекција на долгометражни филмови, и тоа за долгометражниот првенец на грузискиот режисер Гиорги Сихарулиѕе, „Паноптикон“. Филмот го прикажува Сандро, интровертниот тинејџер, кој се наоѓа затечен пред темелните животни искушенија кога татко му ќе одлучи да замине во манастир и да му се посвети на Бога. Препуштен сам на себе, обременет со будењето на сексуалноста исполнета со воајеризам и егзибиционизам и предизвиците од истражувањето, младиот човек тргнува на пат кон самоспознание. Самиот наслов на филмот е преземен од концептот на Мишел Фуко наречен паноптицизам, кој ја претставува, меѓу другото, и постојаната можност за посматрање. Главниот протагонист не е само во улога на воајер, туку истовремено се чувствува и како да е постојано посматран од страна на Бога и општеството.
Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страница на фестивалот: pff.mk.

Comments