Премиерно во Прилепскиот театар: „Круг“ – трагикомедија за распадот на еден брак… и системот во кој
Во театарот „Војдан Чернодрински“, во Прилеп, утревечер (15 јули) од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Круг“ во режија на Јован Ристовски. Оваа трагикомедија, како што напоменува самиот режисер, зборува за распадот, преку главниот женски лик Џо и машкиот Сем, како сопруг…
“…Луѓето се станати безобѕирни, себични, а човештвото се наоѓа на крстосница. Треба да се преиспитаме – каде одиме…“. Ова е токму лајт-мотивот на најновата претстава „Круг“, во режија на Јован Ристовски, која премиерно ќе биде изведена вечерва (15 јули) од 20 часот во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Оваа трагикомедија, како што напоменува самиот режисер, зборува за “распадот” преку главниот женски лик Џо и машкиот Сем, како сопруг.
„Всушност Џо умира од рак. И внатре во текстот се зборува за распадот од болест, за распадот на еден брак, на заедница, на пријатели, говори за распад на еден театар, на системот во кој живееме. Претставата е трагикомедија која влегува во надреализам. Првиот чин говори за едно друштво, а во вториот сфаќаме дека се не е убаво… Никој не е свесен за маните и доблестите, освен ликовите кои доживуваат метафорично екаполипса. Секој крај носи нов почеток. Се надевам дека ќе сфатиме дека треба да одиме кон подоброто“, изјави режисерот Јован Ристовски, кој првпат соработува со Прилепскиот театар.
Претставата е работена по текстот „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, што ќе биде праизведба во Македонија. Преводот од англиски и адаптацијата е на драматурот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
Женскиот лик Џо во претставата го игра актерката Даниела Иваноска. Таа посочи дека претставата ќе не натера да се преиспитаме кои сме, каде сме.
„Тоа гледање внатре треба да не направи луѓе, бидејќи покажавме колку сме ѕверови и безобѕирни. Ми е жал што живеам во ова време и што оставаме на нашите деца. Можеби ќе има некаква промена, но ако продолжиме вака не одиме никаде. Ако не направиме како луѓе еволутивен чекор исто како да не сме постоеле“, рече Иваноска.
Актерот Игор Трпчески, кој го толкува ликот на Сем, посочи дека материјалот е одличен, современа драматургија е иако е пишувана одамна.
„Задира во она што ни се случува сега. Дека, за жал, се разединуваме. Пораките од претставата се надевам ќе допрат до публиката“, изјави Трпчески.
Во претставата покрај Игор Трпчески и Даниела Иваноска играат и Димитар Црцороски, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Сприкоска-Илијеска.
За сценографијата и за изборот на музика се погрижи режисерот Ристовски, а костимите се на Андреј Ѓоргиевски.
Претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура.
Comments