top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Премиерно во МНТ: „Народен непријател“ и по цели 140 години е подеднакво актуелен

„Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува – преку исклучувањето на доктор Стокман (Никола Ристановски) од заедницата, Ибзен вешто ги разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички”, вели Тамара Барачков, драматург на претставата „Народен непријател“, која ќе ја има својата премиера на 9 мај, на големата сцена во Македонскиот народен театар

„Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен (напишан во 1882 година), фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она што се врти против доктор Стокман“, вели Тамара Барачков, драматург на претставата „Народен непријател“, во режија на Нина Николиќ, која ќе ја има својата премиера на 9 мај, на големата сцена во Македонскиот народен театар (20 ч.), а со која наедно ќе се одбележи и Денот на Европа. Во оваа претстава на норвешкиот автор, како што додава драматургот Барачков, актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма.

„Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува – преку исклучувањето на Стокман (лекар во општинската бања) од заедницата, Ибзен вешто ги разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички. Во исто време, ‘страдањето’ на докторот е последица на неговиот стремеж да укаже на проблемот со загадената вода, што, во светлото на локалната свест за важноста на зачувувањето на животната средина, ја прави драмата на Ибзен уште поинтригантна за читање и поставување“, додава Барачков.

Доктор Стокман (Никола Ристановски) е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е болно тоа. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанело општеството, предводено од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман, низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели.

Од МНТ посочуваат дека претставата, всушност, се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој е во право“.

Покрај Никола Ристановски (Стокман), во претставата игра и Звездана Ангеловска (неговата сопруга Катарина). Ликот на Петра (нивната ќерка, наставничка) ја толкува Дарја Ризова. Јана Вељановска е Ејла, нивната средна ќерка, a Ана Арсовска ја глуми Мортине, нивната најмала ќерка.

Благој Веселинов го толкува Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата, а во претставата играат и Петре Арсовски како Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар; Ховстад, уредничка на „Народен гласник“, е Сашка Димитровска, а Билинг, соработник на „Народен гласник“, е Александар Михајловски. Дел од актерската екипа се и Нино Леви и Мартин Ѓоргоски. Следната изведба на претставата е на 10 мај.

Инаку, проектот „Патиштата на хероите“ на МНТ е поддржан од програмата „Креативна Европа“, во рамки на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан со вкупно 395.183 евра. Oва беше првпат театар од државава да добие средства од програмата „Креативна Европа“ од Европската Унија.

Проектот се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Покрај МНТ како главен партнер, во проектот се вклучени уште шест организации, од кои една од земјава (издавачката куќа „Гаврош“) и пет од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо анимато).

По премиерата во Македонскиот народен театар, претставата ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и во регионот. (Д.Т.)



0 views

Comments


bottom of page