Премиерна изведба на дела од Перт, Ротару и Ахо во Филхармонија
- Aleksandar Santovski
- Mar 14, 2022
- 2 min read
Оркестарот на Филхармонија в четврток (20 часот) ќе одржи концерт насловен „Сеќавање на Б.Б.“ на кој како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа.
На програмата се дела од современата музика – за првпат ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо. „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ (1977) е композиција од естонскиот композитор Авро Перт, напишана по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.
“Зошто ме погоди толку силно смртта на Бенџамин Бритн во 1976 година? Во ова време бев во фаза кога можев да ја препознаам магнитудата на човечката загуба. Ме облеаја многу силни емоции. Токму пред неговата смрт почнав многу ја ценам едноставноста на неговата музика. Многу сакав да го запознаам, но за жал тоа не се случи, вели Арво Перт за ова дело“, информираат од Филхармонија.
Калеви Ахо (1949) е фински композитор, кој во своето творештво има дела напишани во различни стилови – од неокласицизам, до модернизам и постмодернизам. Поради неговата „иронична“ употреба и мешањето на различни стилови и жанрови во музиката што ја пишува, го споредуваат со Густав Малер и Алфред Шнитке.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними це-де со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.

Comments