Премиерлигашките клубови сакаат исфрлување на Сити од лигата
Ривалите на Манчестер Сити ќе бараат исфрлување на клубот од Премиер лигата, ако бидат докажани сериозните обвинувања за финансиски прекршоци на актуелниот шампион. Лигата објави дека Сити направил 101 финансиски прекршок од сезоната 2009/2010 наваму, а допрва ќе треба да се утврдат фактите и доказите од истрагата. „Скај Спортс“ пренесува дека најголемите ривали, вклучувајќи ги Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Арсенал и Челси бараат ригорозна казна за клубот од „Итихад“, а нејасно е дали лигата би се одлучила за ретроактивни казни и одземање бодови, односно трофеи. Премиер лигата не сака директно да го води случајот и истиот го предаде на независна комисија, но ривалите нема да се сожалат со клубот кој освои шест титули во последните единаесет сезони. Пониските дивизии се дел од Англиската фудбалска лига и истата би немала обврска да го прими Сити во своите натпреварувања, во случај шампионот да биде исклучен од Премиер лигата.
Comments