top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Премиерата на Битолскиот театар „Демони“ – анти-бајка која кореспондира со времето во кое живееме

Ансамблот на Народниот театар-Битола, утревечер (25 февруари) со почеток од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Демони“ на Ларс Норен, а во режија на Васил Христов. „Создадовме една анти-бајка која кореспондира со времето во кое живееме. Бидејќи ние, сè повеќе мислам, од хорои стануваме анти херои, и во односот со другите луѓе и во односот којшто го градиме со самите себеси. Сите живееме комплициран живот. Такви се и ликовите во ‘Демони’. Претставата е огледало на стварноста во која живееме и мислам дека секој ќе се пронајде во одредени сегменти од ликовите, заради тоа што е модерна“, вели за весникот ВЕЧЕР актерката Илина Чоревска која во претставата го толкува ликот на Катарина

„Демони“ на Ларс Норен, а во режија на Васил Христов e најновата претставата на ансамблот на Народниот театар-Битола, чија премиерна изведба ќе се случи утревечер (25 февруари) со почеток од 20 часот.

„Претставата ‘Демони’ е интимна модерна анти-бајка за две двојки, навидум сосема различни, но поврзани во несреќата, траумата, неможноста да љубат… Првата премиера во новата театарска сезона всушност е и прва изведба на ‘Демони’ на македонската театарска сцена“, посочуваат од Битолскиот театар.

Во „Демони“ улогата на Катарина ја толкува актерката Илина Чоревска, улогата на Френк, пак, ја толкува актерот Огнен Дранговски, а на сцената под ротација во Битолскиот театар ќе настапат и актерите Марија Стефанова и Здравко Стојмиров.

Како што истакна за весникот ВЕЧЕР, актерката Илина Чоревска, во текот на работата со режисерот создале една анти-бајка. „Таа анти-бајка кореспондира со времето во кое живееме. Бидејќи ние, сè повеќе мислам, од хорои стануваме антихерои, и во односот со другите луѓе и во односот којшто го градиме со самите себеси. Сите живееме комплициран живот. Такви се и овие ликови во ‘Демони’ – Катарина, Френк, Гена и Томас“, вели Чоревска која го толкува ликот на Катарина. „Катарина е жена која носи неизмерна голема тага, тага заради тешкиот однос којшто го има со својот партнер. Прочитав некаде, пред извесно време, дека тагата не е ништо друго, туку неискажана љубов, што за мене, всушност, е една од најточните дефиниции за тагата. Тоа е Катарина, една силна жена со чиста љубов, која не може да ја манифестира и да ја даде на соодветен начин, онака како што таа сака. Претставата е огледало на стварноста во која живееме и мислам дека секој ќе се пронајде во одредени сегменти од ликовите, заради тоа што е модерна. Претставата е интимна, поставена на еден многу интересен простор, публиката е од сите четири страни околу сцената, актерите. Со радост го очекувам првиот контакт со публиката за да ја видам нејзината реакција, бидејќи мислам дека направивме една претстава која е прочистена од многу театарски елементи, а говори многу“, додава Чоревска.

Сценографијата за претставата ја подготви Валентин Светозарев, костимите се на Андреј Ѓоргиевски, додека преводот од англиски на македонски јазик на делото на Норен е на Снежана Плушковска.

Според Битолскиот театар, постои голема заинтересираност за претставата од страна на битолската публика, односно билетите за премиерата биле целосно распродадени за само 24 часа.

Инаку, по оваа прва премиера во календарската 2022 година за Народниот театар-Битола, Иван Јерчиќ, директорот на оваа театарска институција, во изјава за весникот ВЕЧЕР, најави уште три премиери на тројца интересни режисери кои ќе постават претстави на сцената на Битолскиот театар.

„На почетокот на март стартуваме со подготовка на претставата ‘Артуро Уи’ на Бертолт Брехт во режија на Ќендрим Ријани, чија премиера се очекува за крајот на април. Во мај и во јуни ќе работиме со најголемиот словенечки режисер, еден од најпознатите на балканските простори Себастијан Хорват, кој ќе ја постави ‘Медеа’. Потоа до крајот на летото Битолскиот театар треба да го реализира и ‘Битола Шекспир фестивал 2022’ по пауза од две години. И на крајот, таму од септември во нашиот театар ќе работи и Иван Пеновиќ со негов авторски проект, со работен наслов ‘Татко на татковината’“, додаде директорот на Битолскиот театар Јерчиќ. Овие претстави ќе се реализираат со средства од Годишната програма на Министерството за култура за 2022 година.

Покрај ова, годинава Битолскиот театар, ќе објави и монографија, насловена „Чоревци“ чиј автор ќе биде професорката Јелена Лужина. Монографијата, исто така, ќе биде изработена со средства на Министерството за култура, во делот на издавачката дејност. (Н.И.Т)


1 view

Comments


bottom of page