Премиера на „Хајди“ во Театарот за деца и младинци – претстава за природата, пријателството и надежта
05.06.2024 Juni Sreda
На сцената на Театарот за деца и младинци, на 6 jуни во 19 часот, премиерно ќе се изведе претставата „Хајди“, работена според романот на светски познатата авторка Јохана Шпири, во режија на Драгана Гунин, а драматизацијата е на Драгана Лукан Николоски.
„Хајди“, едно од класичните дела на детската литература, е десетици пати филмувана и драматизирана приказна за девојчето кое го наоѓа своето место под сонцето на планината, прегрната од природата. Тоа е приказна за надежта и пријателството, за убавината на природата и чувството на слобода која ни ја дава таа.
-И покрај тоа што станува збор за приказна која се случува во едно друго време, „Хајди“ ни зборува за основните, примордијални чувства и потреби на децата, а со тоа и на сите луѓе. Потребата да се припаѓа и да се биде дел од природата, тој огромен организам во кој сите ние совршено се вклопуваме во моментот кога ќе се соголиме од она што ни го наметнува општеството. „Хајди“ е приказна која нè посетува на тоа дека природата, пријателството и надежта, можат да ја излекуваат душата и телото, да ни помогнат дури и тогаш кога не сме свесни дека ни е потребна помош. Со ова ново читање, се обидовме да го ослободиме ова дело од сите нишки кои на денешните деца може да им бидат далечни и да ја прикажеме сликата за искреното и чисто пријателство, вгнездено во чистата природа, моќно да направи чуда за кои луѓето немаат одговор, се посочува кон претставата.
Во неа играат: Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Наташа Петровиќ, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ Бошков, Изабела Новотни. Музиката е на Ади Имери, костимографијата на Елена Вангеловска, а сценографијата на Кирил Василев. Претставата е наменета за деца на возраст над 6 години.
Comments