Премиера на „Светулки“ и концерт на Чалгија саунд систем во Прилеп
Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на 10 јули, од 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Светулки“ по текст на хрватската авторка Тена Штивичиќ, а во режија на Драгана Милошевски – Попова.
„Третманот на актуелните прашања кои се поврзани со индивидуалната потрага на животниот пат во драмата ‘Светулки’ претставува предизвик за секоја театарска продукција. Протагонистите се заглавени во еден аеродром, на пола пат до својата конечна дестинација и не можат да го продолжат својот пат поради неочекуваното невреме. Заглавени во таа транзит зона тие ги преиспитуваат своите животи, желби, своето минато, тоа за кое копнеат и тоа кое сакаат да го заборават. Во една навидум едноставна и минлива состојба тие прават силни одлуки кои ќе им го променат животот и целиот светоглед…“, се посочува кон претставата.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Роза Трајческа – Ристовска, а композитор е Ирена Поповиќ – Драговиќ. Улогите ги толкуваат Даниела Иваноска, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Марија Спиркоска-Илијеска…
Истата вечер, од 20:30 часот, пак, на летната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп концерт ќе одржи групата Чалгија Саунд Систем.
Чалгија саунд систем, формирана во 2008 година има за цел да го одржи чалгискиот израз, проучувајќи го богатото наследство од мелодии и форми, кои составот ги изведува доследно и верно на традицијата, а од друга страна, да го земе чалгискиот израз како основа за создавање на современа музика која е во духот на чалгиската традиција, со што на одреден начин и ја продолжува традицијата. Има издадено неколку албуми и реализирано бројни концерти.
Commentaires