top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Премиера на претставата „Циркус Пирандело“ на Бојан Трифуновски во струмичкиот театар

Во Народниот театар „Антон Панов“ за утре е закажана премиерата на претставата „Циркус Пирандело“ по текстови на нобеловецот Луиџи Пирандело, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

Според режисерот, оваа постановка е метафора за состојбата во театарот прикажана преку циркусот.

-Се надевам дека успеавме да направиме една модерна, брза, непредвидлива и забавна претстава која гарантирам дека ќе комуницира со публиката, но не на ефтин и заводлив начин, туку преку метафорите на нашето постоење, преку метафората на циркусот за состојбите во театарот и состојбите во општеството, рече режисерот Трифуновски на денешната прес конференција пред премиерата.

Гостинот од штипскиот театар, Ефтим Трајчов Ѓаурски смета дека размената на актери и искуство е добредојдено за секој театар.

-Среќен сум и горд што можев да работам со овие прекрасни актери од струмичкиот театар, а со режисерот Трифуновски ми е втора соработка. Концептот за оваа претстава е исклучителен и неповторлив и сметам дека секој од актерите создаде автентичен лик, кој не може да не допре до публиката, рече Трајчов Ѓаурски.

Покрај него во претставата играат уште и Стојан Велков-Трн, Коста Ангов, Ангелина Тренчова-Ангелова, Танкица Стојанова, Ванчо Василев и Игор Тодоров.

Сценографијата и костимографијата се на Љупчо Јованов, асистент на сцеонграфијата е Ана Божијанова, а инспициент е Катерина Бенинова.


2 views

Comentarios


bottom of page