Премиера на претставата „Мистерија Буфо“ во прилепскиот театар
Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп денеска се одржа прес-конференција на која беше најавена новата премиера „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, што ќе се изведе утревечер / среда/ 16 ноември од 19.30 часот.
Јасмина Мицовска Станкоска, в.д. директорка на ЦК „Марко Цепенков“, во чии рамки работи театарот, посочи дека ова е трета премиера за 2022 година и дека имало одличен процес на работа кој резултирал со одлична претстава.
Режисерот Андреј Цветановски, кој првпат соработува со прилепскиот театар вели дека „Мистерија Буфо“ е претстава која ги реактуелизира средновековните комични мистерии кои ги изведувале патувачките театарски трупи, но отсликува и денешни состојби.
– Претставата фрла мрачно-комичен поглед кон апсурдноста на секојдневните неправди. Прикажува важни настани од религиозниот живот, но доживеани преку очите на обичните луѓе и случајните минувачи – рече режисерот.
Актерите Наташа Ачанска, Илија Волчески и Димитар Ѓорѓиевски не го криеа своето задоволство од соработката со режисерот и од процесот на работа, посочувајќи дека создале одлична претстава, додека Томе Темелкоски како автор на музиката посочи дека се се случувало спонатно и претставата е колективен чин.
Асистент на режија е Теодора Силјаноска, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Марта Дојчиновска, музиката е на Томе Темелкоски, Димитар Ѓорѓиевски и ВИС „Војдан Чернодрински“, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, која го направи и преводот.
Играат: Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, Александар Тодески, Димитар Црцороски. Ка.М.
Comments