Премиера на претставата „Како ќе го делиме мачорот“
Премиерна изведба на претставата „Како ќе го делиме мачорот“, по текст и режија на Јане Спасиќ, се одржа во Театарот за деца и младинци во Скопје. Режисерот Јане Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој, како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.
– Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу-темите и ги прикажува повеќето стравови на децата и на родителите и притоа ги поставува вообичаени прашања и перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при тој тежок процес. Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади што го минуваат или го минале тој процес, но и поттик за родителите да ги разберат нивната позиција и потреби. Од друга страна, таа на еден свој начин им е „другар“ на сите што минале низ ова, едно место каде што се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и преостанати членови на семејството што сведочат на развод на своите ближни. Иако се занимава со една тешка тема, претставата релативно лесно „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши – велат од Театарот за деца и младинци.
Во претставата играат: Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска. Првата реприза е закажана за 28 ноември (вторник), во 20 часот.
Comments