Премиера на „Пандорината кутија: Наследството на ќерката“ во МКЦ
03.11.2021 Noemvri Sreda
Во Младинскиот кулурен центар вечерва, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Пандорината кутија: Наследството на ќерката“, по текст и во режија на Ришард Ниечим од Канада.
Во претставата настапуваат Јасмина Билаловиќ и Златко Митрески, кој е и музички изведувач и автор на музиката. Останатиот тим го сочинуваат: Ивана Балабанова – асистент на режисерот, Павел Маслов – костими, Мартин Манев – сценографија и Симона Димковска – асистент-сценограф.
„Пандорината кутија: Наследството на ќерката“ е дел од циклусот претстави на Ришард Ниечим под заедничкиот наслов „Древни огледала/Современи гласови“. Претставата е во два чина, од кои првиот чин ги претставува древните гласови или патријархалната херојска перспектива на мажите и машките богови и божици на античка Грција во однос на жените и женственоста, додека вториот ги претставува современите гласови на наследената патријархална херојска перспектива на современите мажи и жени без потхранувачките митови за античките богови и божици и наследената борба на жените за ослободување на сопствениот женски глас. „Пандорината кутија: Наследството на ќерката“, како што се наведува во описот на претставата, се занимава со современите конфликти меѓу наследените патријархални херојски машки начини на перцепција и женските перспективи што се развиваат и некои од ефектите врз телото, умот и душата на современата жена кои се занимаваат со губење на вербата во старите богови и божици и античките поими за божественост, кога вербата во божественоста е заменета со волјата за моќ. Проектот е поддржан од Министерството за култура, а го спроведува З.У.К.Ц. Медиа Артес. Подготовката на претставата беше логистички поддржана од „Битрикс Културно-уметнички центар“.
Comments