Премиера на документарецот за Ајри Демировски во кино „Манаки“ во Битола
Музичко-документарниот филм за Ајри Демировски, авторот на песната „Битола мој роден крај”, премиерно ќе биде прикажан утревечер во киното „Манаки“ во Битола, со почеток во 20 часот.
Преку овој документарен филм, чиј автор сценарист и продуцент е Менде Младеновски, а е изработен во копродукција со Битолски весник и Радио Б-97, присутните ќе можат да се запознаат со животот и музичкото творештво на Ајри Демировски, човекот, кој Битола ја направи вечна со песната „Битола мој роден крај”, а и себеси се запиша во вечните.
Во овој филм покрај тоа што ќе можат гледачите да видат и слушнат како Ајри Демировски ја напишал песната „Битола мој роден крај“, ќе можат да се запознаат и со неговото огромно музичко творештво, кое брои над 80 песни, од кои најголемиот број се антологиски, како и да ги слушнат изведбите на неколкумина познати музичари, композитори и текстописци, кои говорат за музичкото творештво на Ајри.
Во рамките на премиерата на овој филм ќе настапат и неколку познати битолски пејачи, меѓу кои Маргарита Христова, Билјана Дамјановска, Сефедин Бајрамов и Велчо Петровски, кои ќе исполнат песни од Ајри.
Во 2007 година, Ајри Демировски, чија песна „Битола мој роден крај“ е прогласена за песна на векот од страна на Советот на Битола, беше прогласен за прв почесен граѓанин на Битола, а наредната година, Битолски весник во рамките на манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“ го прогласи за личност на годината.
Ајри Демировски почина во Измир на 22 октомври 2010 година. М.М.
コメント