Премиера на Битолски театар: „History of Motherfuckers“ – дури и кога лажеме, поминуваме низ пеколот
„Лагата не е ни слатка, ни нежна. Лагата е крвава и немилосрдна. Додека вистината и искреноста сепак се предуслов за вистинска уметност, за едно уметничкото дело да го претвориме во стварност. Барем во онаа уметност за која вреди да се зборува“, истакнува Андраш Урбан, режисер на претставата „History of Motherfuckers“, која публиката премиерно има можност да ја види на 17 и 18 јуни во Битолскиот народен театар. Тој посочува дека во историјата секогаш зборуваме за разни motherfuckers кои биле грди, глупави, зли, кои некако ја зезнале работата и нè спречиле да уживаме во крајно совршено општество полно добрина, благосостојба, слобода, сигурност и вечно победнички војни
„History of Motherfuckers“ е новата претстава во режија на Андраш Урбан и во продукција на Битолскиот театар, која премиерно ќе се изведе на 17 и 18 јуни со почеток од 20 часот на големата сцена „Благој Стефановски-Баге”. Текстот за претставата е на Ведрана Божиновиќ, а според политичката драма на Вилијам Шекспир – „Кориолан“.
„Претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и неговата заедница. Претставата е борба, хумана борба. Никој не го сака Кориолан, ни Шекспировата драма, ни ликот. Но, тој е вистинит и искрен. Потајно сите се сложуваме со сè што кажува. Но едно е сигурно. Тој не е ние. Тој за нас кажува она што ние за себе не смееме. Да е дипломат, да умее и да сака да ја користи слатката, нежна лага која е предуслов за демократската заедница, ние не би ни зборувале за него“, посочува режисерот Андраш Урбан.
Според него, лагата не е ни слатка, ни нежна, лагата е крвава и немилосрдна.
„Додека вистината и искреноста сепак се предуслов за вистинска уметност. Дури и кога лажеме, поминуваме низ пеколот на искреноста за едно уметничкото дело да го претвориме во стварност. Барем во онаа уметност за која вреди да се зборува“, истакнува тој.
Како што посочува режисерот, во историјата секогаш зборуваме за разни motherfuckers кои биле грди, глупави, зли, кои некако ја зезнале работата и нè спречиле да уживаме во крајно совршено општество полно добрина, благосостојба, слобода, сигурност и вечно победнички војни.
„Народот, граѓаните секогаш се само лик без можност да одговараат. Тој нејасен поим како некаков апстрахиран октопод никогаш не значи збир на поединци. Како да не е идивидуата таа која го пополнува гласачкото ливче, како да не е таа која го става во гласачката кутија. Народот не е одговорен. Како да не е народот тој што ги бира сите оние кои ги мразиме и ги сметаме одговорни за сè. Народот се одрекува од одговорноста бидејќи со помош на гласачкото ливче му ја предава на некој поединец. Барем на четири години. А истиот тој народ за себе говори дека е изманипулирана маса. Мнозинството е закон. Sexy motherfucker. А истото тоа мнозинство никако да изговори дека иако не се согласува со мислењето на другите е подготвено да загине само за тие да можат да го кажат тоа. Нема врска дали тоа некогаш и било кажано. Лагата е слатка. Вистинита. А слободата боли. А власта се брани по секоја цена!“, додава режисерот.
Во претставата улогите ги толкуваат Иван Јерчиќ, Соња Михајлова, Викторија Степановска- Јанкуловска, Сандра Грибовска, Николче Пројчевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимограф е Благој Мицевски, композитор е Ирена Поповиќ Драговиќ, а музиката ја исполнуваат Александар Димовски и Славчо Јовев.
„History of Motherfuckers“ е наменета за публика над 16-годишна возраст.
Comments