Прекрасниот гол на Елмас не беше крунисан со победа во првиот тест-меч пред ЕП
Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше против Словенија 1-1 на националната арена „Тодор Проески“, во првиот тест-натпревар пред дебитантскиот настап на Европското првенство (ЕП) што почнува на 11 јуни.
Елиф Елмас го отвори резултатот во 55-та минута на асистенција на Езџан Алиоски кој претходно имаше одличен соло-пробив. Фудбалерот на италијански Наполи го искористи нафрлувањето на играчот на англиски Лидс за да ја затресе противничката мрежа со волеј-удар. На Елмас очигледно му лежи Словенија, против која постигна два гола и во квалификациите за ЕП.
Алиоски, пак, беше еден од најактивните македонски фудбалери, а и самиот имаше прилика за гол кон крајот на мечот, но неговиот удар го одбрани словенечкиот голман Вид Белец, кој во второто полувреме го замени Јан Облак. Словенија стигна до израмнување во седмата минута од судиското надополнување на мечот преку Домен Црнигој.
Селекторот Игор Ангеловски им даде шанса за настап на повеќемина фудбалери, правејќи шест измени во второто полувреме.
Македонските репрезентативци по подолго време имаа можност повторно да играат пред домашната публика, откако за мечот со Словенија во продажба беа пуштени 10 илјади влезници.
Втората контролна средба, исто така, во Скопје, е в петок со репрезентацијата на Казахстан.
Σχόλια