Презентиран трејлер за најскапата серија на сите времиња
Пристигна нов трејлер за долгоочекуваната претприказна на „Господарот на прстените“ и веќе возбуди многумина. Гледачите ќе можат да ја гледаат серијата „Господарот на прстените: прстените на моќта“ на Амазон прајм од 2 септември. Серијата е означена како најскапа во историјата, која чини дури 43 милиони фунти или 51 милион евра по епизода, а „Дедлајн“ објави дека вкупната сума чинела повеќе од 460 милиони евра.
Серијата доаѓа речиси 20 години по последниот филм од трилогијата „Господар на прстените“ и треба да ги врати обожавателите на Средната Земја за да ја гледаат приказната сместена илјадници години пред настаните на „Хобит“ и „Господарот на прстените“.
Во интервју за „Ентертејмент викли“, авторот Патрик Мекеј рече дека креаторите „не биле заинтересирани да направат серија за помлада верзија на истиот свет што го знаеме“.
– Сакавме да одиме далеку, далеку, многу назад во времето и да најдеме приказна што може да застане на свои нозе. Ова беше нешто што, според нас, не беше кажано на нивото и размерите и со длабочината што чувствувавме дека ја заслужува – изјави Мекеј.
Описот на серијата ветува воведување „група ликови, познати и нови“, со оние како Галадриел, Елронд и високиот крал Гил-Галад, веќе откриени во претходните тизери и слики. Снимена во Нов Зеланд, серијата е сместена во време кога се создавале големите сили, а кралствата не само што се издигнувале туку и пропаѓале.
Comentários