Презентација на проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева
Серијата презентации во рамките на новиот проект „Артс хаб“ продолжија со презентација за уметничкиот проект „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева, во КСП Центар-Јадро.
„Заедно дишеме“ е партиципативен, колаборативен проект на уметницата Симона Манчева, кој отвора прашања за начинот на кој живееме и се однесуваме спрема природата.
Првата етапа од овој проект се одржа со четиридневна уметничка работилница за креирање „лендарт“ во месноста Лавчани, во близината на Велес.
„Лендарт“ е уметничко движење што се појавило во 60-тите и 70-тите години на минатиот век преку креирање уметнички дела со користење природни материјали на отворен простор. Движењето било карактеризирано со алтернативен пристап кон уметничките практики, кои ги поврзувале природата и културата преку одржливата уметност.
Во работилницата учествуваа уметниците: Ана Трајковска, Ристо Јосифовски-Ромбо, Доротеј Нешовски, Елче Димова Пантелиќ, Славица Јапиданова и волонтерите: Уна Стошиќ, Викторија Чочева, Влатко Илов, Николинка Лазиќ, Верица Чочева, Дарко Стојанов, со логистичка поддршка од Елена Данова.
Втората етапа, која се состоеше од серија работилници, се одржа во НВО Инфо-Центар – Кавадарци и градскиот парк „Љупчо Шкартов“, во соработка со Општина Кавадарци и Секторот за хортикултура.
Симона Манчева (1989) е визуелна уметница. Магистерски студии има завршено на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзините уметнички интереси се темелат на согледување на фиктивната реалност и уште повеќе на фиктивниот морал во општествата. Преку своите уметнички истражувања, таа се обидува да ги прикаже и да ги сруши нашите ограничени предрасуди и стереотипи, кои ги зајакнуваат границите на нашата слобода и во исто време ја развиваат свеста на луѓето за остварување на нивните права и за задоволување на нивните потреби. Целите на нејзината практика се родовата и половата дискриминација, наследените стереотипи, сексуалниот идентитет, социјално маргинализираните групи, разновидноста и варијациите на луѓето и нивните тела. Преку нејзината уметност, таа сака да ги преиспита и да интервенира во овие општествени конструкции, да ги разбере контрадикциите и стереотипите што произлегуваат од нив.
Comments