Презентација на проектот „Домашна работа“ на Кристина Божурска во Центар-Јадро
На 9 февруари (четврток), во 20 часот, во КСП Центар- Јадро, а во рамките на Arts Hub, ќе биде презентиран проектот „Домашна работа“ на Кристина Божурска.
„Преку проектот ‘Домашна работа’ наша цел беше да развиеме експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса, каде што фокусот беше насочен кон процесот и можностите што произлегуваат од тој процес. Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето на дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање на дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање на идеи и иницирање акција. Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност. Тие беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори. Создавањето на пињати пред КСП Центар – Јадро не однесе во друга форма на учеството на публиката. Креиравме настани за дружење со соседите и случајните минувачи и заеднички изработувавме предмети потребни за изложбата. Пињатите се направени од донирани, непотребни хартии од домашни задачи кои потоа беа персонализирани со текстови, напишани и собрани од младите учесници на онлајн работилниците. Кршењето на пињатите на отворањето на изложбата ќе биде метафоричка ‘катарза’, симбол на личното и колективно дејствување на разбивање на несаканата реалност и ‘пишување’ и замислување на нова иднина со поголема емпатија, сочувство и разбирање“, истакнува Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот.
Божурска го развивала својот проект во периодот март-јули 2021 година а во него активно учество земале Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер.
-Оваа е една од серијата презентаци и разговори на домашни уметници и автори кои во рамки на програмата КСП Центар Јадро во изминативе 2 години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/социјално ангажирана уметност. Станува збор за Кристина Божурска, Културно Ехо, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски кои ќе ги претстават своите веќе реализирани проекти и ќе ги споделат искуствата и лекциите научени од праксата во специфичниот локален контекст. Проследени со прашања и одговори , овие презентации и разговори, меѓу другото, ќе ги пренесат искуствата и ќе помогнат во освестување на битните аспекти поврзани со подготовката и реализацијата на проекти и акции базирани на социјално ангажираната уметност, посочуваат од КСП Центар- Јадро.
Comentarios