Презентација на виолинистичката школа во Македонија
Осмото издание на „Виолин-фест“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, во Камерната сала во Филхармонијата. Главна тенденција на фестивалот е да се презентира виолинистичката школа во Македонија, но и надвор од неа. – Фестивалот, всушност, претставува еден вид неконвенционален музички подиум, кој им дава можност на учениците да настапат надвор од рамките на своите обврски кон наставната програма, да го покажат својот талент изведувајќи ги најпознатите дела за виолина, без притисокот од оценување и бодување. Најголема награда за нив е аплаузот – вели виолинистот Владимир Костов, организатор на фестивалот. Токму за младите виолинисти, на кои им е потребно најголемо јавно експонирање, всушност, е и создаден овој фестивал.
– „Виолин-фест“ ја празнува музиката преку настапи на млади виолинисти, кои сѐ уште се во процесот на осознавање на магијата на виолинската уметност, кои со својот талент се издвојуваат од генерацијата на која ѝ припаѓаат – вели Костов. Оваа година како гости настапуваат учениците од музичките училишта во Србија, добитници на награди на меѓународниот натпревар „Охридски бисер“ што се одржа минатата година. На концертот ќе се одбележат два јубилеја – 20 години од смртта на македонскиот композитор Драган Шуплевски и 90 години од раѓањето на Драган Ѓаконовски- Шпато. На концертот ќе настапат Алекса Аќимовиќ (четврто одделение, Музичко училиште во Ниш), Јована Удовиќ (четврта година, Школа за музички таленти – Ќуприја), Симеон Гошев (трета година, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје), Софија Додиќ (втора година, „Јосип Славенски“ – Белград) и Анѓела Јосифовски (втора година, „Коста Манојловиќ“ – Земун). Младите виолинисти ќе настапат во пијано-придружба на Марија Вршкова. На програмата се дела од: Елгар, Крајслер, Бах, Паганини, Виењавски, Шуплевски, Шпато… Во рамките на фестивалот ќе се одржат и предавање и мини-концерт во „СОС детско село“. Концертот е поддржан од Министерството за култура и од Град Скопје.
Kommentare