top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Предлог-законот за македонски јазик „заглавен“ во Собрание

„Предлог законот за македонски јазик сè уште е во Собрание. Овој закон не е променет уште од 1998 година. Постојано апелирам до пратениците и не можам да поверувам дека еден ваков закон наидува на какви било препреки“, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вчерашниот брифинг со новинарите. Таа истакна дека испратила апел и до претседателот на Комисијата за култура да закаже седница, но сè уште немала добиено повратен одговор.

„Ќе разберев да беше некој друг закон, да се соберат политички поени, но за овој Предлог-закон, особено во време кога за јазикот како жива материја гледаме дека имаме сè понеправилна употреба и дека имаме потреба од лектори и од поинаков механизам, но и од Инспекторатот кој треба да се направи. Секоја друга мерка што ќе предложиме да ја правиме како Влада, ќе биде залудна доколку не се изгласа овој закон. Додека не се донесе законот, ние сме во една непријатна статус-кво ситуација“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Таа се надева дека час поскоро законот ќе се стави на дневен ред, ќе оди на амандманска расправа и ќе се изгласа.

Во една од своите претходни изјави министерката посочи и дека со донесување на нов Закон за употреба на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително се користи македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Тоа ја дава и основата за усвојување на Национална стратегија за македонскиот јазик, што овозможува дополнително да се сочува неговиот интегритет.

„Министерството за образование и наука ќе нуди стипендии за јазични студии, а професионалните лектори ќе бидат лиценцирани“, истакна тогаш министерката.

Во однос на Стратегијата за култура, министерката извести дека е завршено лекторирањето и ќе биде испратена до Владата, а потоа во Собрание.

„При крај е и Стратегијата за заштита на културното наследство. Од тие два документи, потоа произлегуваат Законот за култура и Законот за заштита на културното наследство. Работната група работи по однос на Законот за заштита на културно наследство, нив не ги брзаме, не сакаме да биде закон кој ќе биде донесен преку ноќ. Тој Закон ќе се работи бидејќи мора да се усогласи со Законот за Охрид“, истакна Костадиновска-Стојчевска. Таа потсети дека со одлука на УНЕСКО Охрид остана на листата на заштитено културно наследство, а од

19 забелешки од мониторинг мисијата само две се однесувале за Македонија. (Д.Т.)


0 views

Comments


bottom of page