Преводот на „Метаморфози“ на Весна Ацевска објавен во Бугарија
06.11.2024 Noemvri Sreda
Преводот на бугарски јазик на стихозбирката „Метаморфози“ од македонската поетеса Весна Ацевска деновиве излезе од печат во издание на кногоиздателството „Либра Скорп“ од Бургас, Република Бугарија.
Според Владимир Мартиновски, станува збор за издание во кое авторката, „надоврзувајќи се тематски на вечната митска тема за преобразбите, во повеќе наврати ги доловува сите можни (телесни и духовни, митски и современи, сонувани и одживеани на јаве, макрокосмички и лични, циклични и неповторливи, видливи и невидливи, лесно препознатливи и фантазмогорично очудени) преобразби“, додека Весна Мојсова-Чепишевска нагласува дека „Целата збирка го гради својот концепт на темелите на активниот дуалитет говор / тишина. Дуализмот ѝ е иманентен на структурата на секоја песна од Преобразби, зашто секоја песна пулсира меѓу јазикот/говорот и молкот/тишината, меѓу светлото и темното, јавето и сонот, водата и земјата“.
Покрај 60-те песни, изданието содржи и автопоетички есеј со наслов „Зошто ’Преобразби’“, белешки од авторскиот дневник и од преведувачите, поговор од Владимир Мартиновски и е придружено со био-библиографска белешка за авторката.
Преводот на бугарски јазик го направија реномираните бугарски поетеси Роза Бојанова и Наталија Недјалкова. Ликовното решение на корицата, како и на целосниот графички дизајн на изданието е на Петра Лимоза. Печатењето на книгата е помогнато од страна на Министерството за култура и туризам на Македонија.
„Либра Скорп“ е познато книгоиздателство од Бургас кое веќе дваесетина години е присутно со свои изданија во Бугарија и кое годишно реализира стотина наслови од различни книжевни жанрови, како и учебници. Претходно, од македонските современи автори, „Либра Скорп“ објави избор од поезија за деца од Стојан Тарапуза во превод на Наталија Недјалкова.
Comments