Превирања во ДПМ: Претседателот Христо Петрески, си даде оставка од здравствени причини?!
„Во овие моменти, ние, членовите на Друштвото на писателите на Македонија мораме и јавно да бараме претседателката на Собранието на ДПМ, веднаш да го свика Собранието. И македонскиот писател да даде одговор на прашањето како понатаму! За да го вратиме достоинството по кое некој постојано погазува токму во просториите и зад знакот на ДПМ! Македонскиот писател мора да го каже својот став!“, напиша писателот Иван Антоновски по повод неодамнешните оставки на осум од девет члена на Претседателството на ДПМ
Писателот Христо Петрески, денеска преку дописот до членовите на Друштвото на писателите на Македонија, како и до медиумите, информираше дека поднел неотповиклива оставка од позицијата претседател на писателската асоцијација. Како образложение за својата одлука тој навел здравствени причини, иако таа доаѓа само неколку дена по оставката на осум од девет членови на претседателството на ДПМ.
„Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам неотповиклива оставка на функцијата претседател на ДПМ и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати“, напиша Петрески
Тој, ден претходно, преку соопштение во целост ги отфрли, како што ги нарече, сите невистини и инсинуации изнесени во јавноста од страна на членовите на Претседателството.
„Целокупното работење на Претседателството на ДПМ од Изборното собрание до денес е водено според Статутот. Сите одлуки за активностите на Друштвото на писателите на Македонија се поставени на седници и верификувани од страна на Претседателството. Пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на ДПМ. За работата на Претседателството постои архивирана и верификувана соодветна документација“, беше наведено во реакцијата.
Воедно, се посочува дека Друштвото на писателите нема да биде инволвирано во пропаганди и притисоци кои се штетни за македонските национални интереси кои задираат во идентитетот и македонскиот јазик, литература и култура.
„Друштвото на писателите на Македонија не смее да дозволи да се дискредитираат членовите на Друштвото и членовите на Претседателството на ДПМ кои се легитимно избрано на редовното Собрание. Претседателството нема да биде заложник на лични пресметки. Друштвото на писателите на Македонија е чувар на идентитетот и македонскиот јазик и тоа ќе биде и остане засекогаш!“, се вели во соопштението.
Осумте членови на Претседателството на ДПМ кои поднесоа оставка на 4 октомври се: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска. Тие преку соопштение се заблагодарија на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакаа плодна и успешна работа.
Неотповиклива оставка од членството во Претседателството на ДПМ на 6 октомври поднесе и книжевникот Бранко Цветкоски.
Тој наведе дека причината е непочитување на статутот на ДПМ и приватизирање и манипулирање на тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на Претседателството од страна на актуелниот претседател на ДПМ, писателот Христо Петрески.
„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството“, стои во писмениот допис на Цветкоски до медиумите.
Писателот и член на ДПМ, Иван Антоновски, пак, посочи дека Друштвото е формирано и постои за да се слушне гласот на македонскиот писател, а не за да се придушува!
„ДПМ е на македонските писатели и не е фирма во приватна сопственост за некој да може со месеци да ни ја затвора вратата на ДПМ и да нè деградира. Однесувајќи се кон нас и како да не постоиме!“, пишува Антоновски, и додава !Затоа, во овие моменти, ние, членовите на ДПМ мораме и јавно да бараме претседателката на Собранието на ДПМ, веднаш да го свика Собранието. И македонскиот писател да даде одговор на прашањето како понатаму! За да го вратиме достоинството по кое некој постојано погазува токму во просториите и зад знакот на ДПМ! Македонскиот писател мора да го каже својот став!“.
Свој став околу ситуацијава искажа на социјалните мрежи и писателката Фросина Пармаковска.
„ДПМ во моментов е приватна фирма, трговец-поединец која без грам совесност и самокритичност ја игнорира неопходноста од темелни промени и реконструкција. Вонредни избори за спас на достоинствотото на Друштвото!“, напиша Пармаковска.
Оставка од Претседателството на ДПМ, вчера, до затворањето на весникот нема поднесено само Васил Тоциновски, секретар за активности во земјата. (Д.Т.)
Comments