Првпат Тур де Франс ќе почне во Италија и нема да заврши во Париз
Последната етапа на велосипедската грантур-трка Тур де Франс в година ќе се одржи надвор од Париз, првпат од 1905 година, поради совпаѓање со Летните олимписки игри (ЛОИ), а наместо тоа, ќе се пресели на француската ривиера, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Поради безбедносни и логистички причини, француската престолнина нема да ја има својата традиционална завршница на Тур де Франс на Елисејските Полиња, а наместо тоа, трката ќе заврши во Ница, на 21 јули, пишува АП. Пет дена подоцна ќе почнат ЛОИ 2024 во Париз. Трката првпат ќе почне во Италија, со етапа што вклучува искачување на повеќе од 3.600 метри. Високите планини ќе бидат на распоредот за 2024 година веќе од четвртата етапа на трката, која ќе има две индивидуални хронометарски етапи и четири завршници на врвови на планини. На програмата има вкупно седум планински етапи, низ четири планински масиви, според маршрутата објавена во средата, пишува АП. Трката треба да почне во италијанскиот град Фиренца на 29 јуни и ќе ги однесе возачите до Римини низ низа ридови и искачувања во регионите Тоскана и Емилија-Ромања. Тој незгоден почеток може да ја постави сцената за првите пресметки меѓу главните конкуренти, пишува АП.
– Тур никогаш толку рано не се искачил толку високо – рече директорот на Тур де Франс, Кристијан Прудом. И тоа ќе биде само дел од она што следува, бидејќи вкупното вертикално искачување на 111-то издание на Тур де Франс достигнува 52.230 метри, пишува АП. Треба да има неизвесност до самиот крај, бидејќи последната етапа, традиционално победничка парада во Париз за лидерот на трката додека не се оформи последниот спринт, ќе биде трка на хронометар од 34 километри од Монако до Ница. – Сите се сеќаваат на последната пригода во која Тур заврши со хронометар, кога Грег Лемонд му ја презеде жолтата маичка на Лоран Фињон на Елисејските Полиња во 1989 година, за само осум секунди. Триесет и пет години подоцна, можеме само да сонуваме за сличен дуел – рече Прудом. Има осум рамни етапи за спринтерите, оставајќи му многу можности на Марк Кевендиш да се обиде да стане рекордер за најмногу етапни победи во кариерата на најголемата трка во спортот. Третото издание на Тур де Франс за жени ќе почне од холандскиот град Ротердам, на 12 август, трката ќе има осум етапи и вкупно 946 километри, пишува АП. Н.М.
Comentários