Првпат Г1-турнир во Македонија, ќе се освојуваат бодови за ЛОИ 2024
ТАЕКВОНДО – ВИКЕНДОВ ВО СКОПЈЕ
Скопје утре и в недела ќе биде домаќин на првиот Г1 меѓународен турнир во таеквондо „Скопје опен 2023“, кој ќе се одржи во СРЦ „Јане Сандански“. Турнирот е мошне значаен оти на него се освојуваат бодови за олимписка норма, а тоа, секако, ќе биде и нова можност најдобриот македонски таеквондист и носител на сребро од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски, да биде поблиску до ЛОИ во Париз в година. – Очекувам максимум од македонските натпреварувачи и освојување медали во јуниорско-кадетска и во сениорска конкуренција. Атмосферата во нашиот табор е оптимистичка – вели македонскиот селектор Борче Костовски. Утре се јуниорско-кадетските борби, а в недела сениорските. И двата настана почнуваат во девет часот. Се очекува да настапат квалитетни натпреварувачи од повеќе држави, односно дека ќе има повеќе олимписки, светски и европски медалисти. – На овој силен турнир се очекува да настапат 45 држави со околу 600 натпреварувачи во сите конкуренции, плус околу 100 официјални лица што, исто така, ќе присуствуваат. Турнирот е мошне значаен и претставува увертира за она што нѐ очекува следниот месец, а тоа е Светското првенство во Азербејџан, каде што, исто така, ќе се освојуваат бодови за ЛОИ 2024. На Г1-турнирот во Скопје првото место носи 10 поени, второто седум, а третото три поени – вели Костовски. Нашиот најдобар таеквондист Георгиевски моментно е на осмото место на олимписката листа, а петти на светската. Нови бодови, секако, можат да го искачат повисоко кон врвот. – Георгиевски засега е осми на олимписката листа, но, со оглед на фактот дека пред него има двајца Бразилци, тоа значи дека е всушност седми патник за ЛОИ, оти од една држава може да настапи само еден натпреварувач на ЛОИ, на кои се пласираат само првите шест. На светската листа, пак, тој е шести, но со оглед на тоа што на Русите им се дозволи настап на претстојното СП, конкуренцијата сега ќе биде посилна, а за нас е многу значајно притоа да го одбегнеме квалитетниот таеквондист од Русија, Владислав Ларин, еден од конкурентите на Георгиевски за висок пласман – вели Костовски. Боите на Македонија во сениорска конкуренција на турнирот во Скопје ќе ги бранат Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), Иво Сандев (до 68 кг), Анамарија Георгиевска (до 73 кг), Фросина Рајковска (до 46 кг) и Милјана Релиќ (до 63 кг). Кај јуниорите ќе настапат Андреј Василевски, Дамјан Рајковски, Дарко Ѓорѓиев, Давид Божиновски, Филип Блажевски, Христијан Симоновски, Лука Ангелов и Сара Рамадановска-Јовановска, а кај кадетите Антонио Негријевски, Дамјан Василевски и Стефан Димовски. Г.И.
Влезот е бесплатен
На двата натпреварувачки дена на Г1 меѓународниот турнир во таеквондо „Скопје опен 2023“, влезот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе биде слободен. Тоа ќе претставува убава можност на турнирот да присуствуваат што повеќе гледачи, кои, пак, ќе ги бодрат македонските таеквондисти во нивните борби. Натпреварите и в сабота и в недела почнуваат од 9 часот.
Comments