Прва фотографија од планета надвор од Сончевиот Систем
Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ ја направи првата фотографија од планета надвор од нашиот Сончев Систем. НАСА објави дека телескопот направил директна слика од „егзопланета“ наречена ХИП 65426 б, која орбитира околу друга ѕвезда оддалечена околу 385 светлосни години.
Новата планета не е карпест свет како Земјата или Марс, туку гасен џин што има од шест до 12 пати поголема маса од Јупитер. Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ успеа да ја сними планетата преку различни филтри за инфрацрвена светлина додека ја блокираше светлината од матичната ѕвезда.
Снимањето на егзопланетите е тешко бидејќи ѕвездите сјаат многу посилно од планетите што орбитираат околу нив, што прави потешко да се видат. Сепак, вселенскиот телескоп ја сними фотографијата, делумно благодарение на тоа што егзопланетата е релативно далеку од нејзиното матично сонце.
– Бидејќи ХИП 65426 б е околу 100 пати подалеку од својата ѕвезда отколку Земјата од Сонцето, доволно е оддалечен што „Веб“ лесно може да ја одвои планетата од ѕвездата на фотографијата – соопшти НАСА.
Планетата е стара околу 15-20 милиони години и само „бебешка планета“ во споредба со Земјата, стара 4,5 милијарди години.
– Добивањето на оваа фотографија беше како копање по вселенско богатство. На почетокот можев да ја видам само светлината од ѕвездата, но со внимателна обработка на сликата успеав да ја отстранам таа светлина и да ја откријам планетата – рече Арин Картер, шеф на анализа на слики и постдокторски истражувач на универзитетот „Санта Круз“ во Калифорнија, пишува „Си-ен-ен“.
Yorumlar