top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Прва титула за Горјачкина, а и во машка конкуренција ќе има нов шампион

ШАХ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БАКУ

Руската шахистка и поранешна финалистка во меч за титулата светска првенка (2020 година), Александра Горјачкина (2.557 рејтинг-поени), триумфира на Светското првенство (СП), кое по нокаут-систем се одржува во Баку (Азербејџан), во конкуренција на 103 учеснички. Таа во финалната рунда во т.н. тајбрејк со дуели со забрзано темпо на игра ја победи Бугарката Нурѓул Салимова (2.409) со 2,5-1,5 поени). Горјачкина беше финалистка во првото издание на СП во 2021 година, кога победи Александра Костењук. Русинката во регуларниот дел победи во четири (против Валдес, Дивија, Батсијашвили и Жонгји), а на две славеше по тајбрејкот (Дронавали и Салимова). Салимова, пак, направи огромно изненадување победувајќи ги некои од најсилните светски шахистки, како што се Полина Шувалова (2.496) и Ана Музичук (2.504), на која ѝ припадна третото место и се пласира (заедно со финалистките) на Турнирот на кандидатките за предизвикувачка на светската првенка. Музичук во мечот за третото место ја победи поранешната светска првенка (2017-2018), Тан Жонгји од Кина, со 1,5-0,5. На машкиот турнир (206 учесници) 18-годишниот индиски вундеркинд Рамешбабу Прагнананда (рејтинг 2.707) во тајбрејк го елиминира фаворизираниот Американец Фабијано Каруана (2.782) со 1,5-0,5. По две нерешени средби во регуларниот дел, поранешниот предизвикувач за светската круна, Каруана и Прагнананда мораа да играат тајбрејк за да одлучат кој ќе биде финалист. Првите две партии завршија со реми. Во вториот тајбрејк, каде што контролата на времето од 25 се помести на 10 минути, Прагнананда ја доби првата партија, а во втората со црни фигури ремизира. Ова ќе биде прво финале за Прагнананда на вакво СП, каде што ќе се соочи со Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835), кој исто така го игра своето прво финале на вакво СП. За третото место Каруана ќе игра со Азербејџанецот Нијат Абасов (2.646). Финалето и мечевите за третото место почнаа вчера, финалистите и третопласираниот обезбедуваат место на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, со тоа што Карлсен претходно јавно изјави дека нема да игра на тој турнир, така што таа шанса ќе ја добие четвртопласираниот. Г.И.


1 view

コメント


bottom of page