Прва титула годинава за Ѓоковиќ, петта за Швјaтек
- Aleksandar Santovski
- May 17, 2022
- 1 min read
Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ (34), ја освои првата титула годинава на Италија опен во Рим, победувајќи го во финалето Гркот Стефанос Циципас, со 2-0 во сетови (6-0 и 7-6). Тоа е добра увертира за Ѓоковиќ пред Отвореното првенство на Франција на Ролан Гарос во Париз што започнува в недела, каде што тој ќе атакува на 21-та гранслем-титула. За српскиот тенисер ова беше шеста титула во Рим, која ја освои не губејќи ниту еден сет, со што стана и најстариот победник на овој турнир, постар за 10 дена од Рафаел Надал.
– По сѐ што ми се случи на почетокот од годината, важно ми беше да освојам голема титула, особено пред почетокот на гренслем-турнирите каде што сакам да играм најдобро. Во првите неколку месеци од годината притисокот врз мојот живот и врз кариерата беа на сосема поинакво ниво. Но тоа е веќе зад мене, сега се чувствувам одлично на теренот. Исто така и на психолошки план – изјави Ѓоковиќ, за кого тоа беше 1.001-та турнирска победа.
Кај жените, пак, титулата во Рим ја освои првата светска тенисерка, Ига Швјaтек (20) од Полска, која ја совлада Онс Жабер од Тунис, со 2-0 во сетови (6-2,6-2). За Швјонтек тоа беше петта турнирска победа, 28. во низа. Од моментот кога стана светски рекет број 1, на 4 април, таа победи на три ВТА- 1.000 турнири по ред, во Доха, Индијан Велс и во Мајами, а потоа и на земјен терен во Штутгарт и во Рим. Таа е една од главните фаворитки за триумф на Ролан Гарос каде што победи во 2020 година.

Comments