top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Прва колекција на македонскиот бренд „Пинк лемонеид“

Петнаесетина стилски изгледи за пролет и лето, зад чиј дизајн стои нашата позната дизајнерка Стефанија Насеска, го сочинуваат првиот дел од колекцијата со цветни, шарени и впечатливи принтови и бои. Раскошните кроеви само го дополнуваат сплетот на елементи, кои ќе бидат карактеристични за брендот и во иднина. „Пинк лемонеид“ е новиот домашен бренд со моден потпис на македонската дизајнерка Насеска. – Целта ни е да се позиционираме на пазарот како бренд во кој можат да се пронајдат повеќе типови жени со различна градба на телото, а притоа да бидат единствени, забележани и полни со самодоверба. За да се осигуриме во уникатноста, но и за да го направиме брендот повпечатлив, како појдовна точка ги зедовме принтовите што се цртаат и изработуваат специјално за нас и се наш заштитен знак – истакнува дизајнерката.

Во чекор со светските тенденции, свесната и одржлива мода, заштитата на животната средина и грижата за вработените се од огромна важност за брендот „Пинк лемонеид“, што се отсликува и во самиот процес на производство. – Сите парчиња се дизајнирани и изработени исклучиво во Македонија со сопствено производство – вели Насеска. Заштитни лица на првиот дел од колекцијата се моделите Вања Петрушевска од модната агенција „Подиум“ и Татјана Јанушева. За шминката е заслужна шминкерката Марија Лазарова, додека фризурите се дело на Октај Сејди. Фотографиите за студискиот едиторијал ги изработи Антонио Станков.


3 views

Comments


bottom of page