Прва изложба во Скопје на Мерсад Бербер по 40 години
Updated: Dec 1, 2021
29.11.2021 Noemvri Ponedelnik
Уметничката галерија „Ел Греко“ ја подготви изложбата на еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија, Мерсад Бербер, која ќе се отвори утревечер, во 19 часот. Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. Оваа значајна индивидуа од поранешното југословенско уметничко милје е една од ретките фигури што постигнуваат меѓународна признаеност и кариера, негови дела се наоѓаат во голем број меѓународни колекции (јавни и приватни), меѓу кои треба да се истакне фактот што негови дела се откупени и изложени во галеријата „Тејт“ во Лондон. Бербер се појавува на ликовната сцена во 1960-тите години и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, кои постепено му ги трасираат интернационалниот подем и визибилноста во кариерата.
Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите тие да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и колажира на мошне впечатлив, постмодерен начин, кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во неокласицизмот, на експресионизмот и сецесионизмот и истите тие да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела што освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели – велат организаторите на изложбата, на која ќе бидат претставени 23 графички листови, дел од нив во комбинирана техника, а дел во техниката глисе. Изложбата ќе биде поставена до 20 декември.
Comentarios