Прва европска титула за Белгија
КОШАРКА
Кошаркарките на Белгија првпат во својата историја станаа европски шампионки. Во финалето во салата „Стожице“ во Љубљана (Словенија), Белгијките ја совладаа Шпанија со 64-58 и со тоа на тронот ја наследија Србија, која ја освои петтата позиција. Решавачка беше последната четвртина, која ја доби Белгија со 19-10. Сите поени за Белгија ги постигнаа само четири кошаркарки. Третото место на ЕП 2023, на кое настапија 16 репрезентации и на кое домаќини беа Израел и Словенија, ѝ припадна на Франција, која во мечот за бронзата ја совлада Унгарија, со 82-68. За најкорисна кошаркарка (МВП) на ЕП беше прогласена Ема Весеман, која на мечот со Србија оствари т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), што досега никогаш не се случило на европските првенства. Весеман годинава триумфира и во Евролигата, со Фенербахче. Шпанија, пак, остана на своите четири титули, а последен пат победи на ЕП во 2019 година. Најдобра во славеничкиот состав на натпреварот за златниот медал беше токму Месеман, со 24 коша (7/15 за два, 1/3 за три, 7/10 за еден поен) и со по осум скока и асистенции, Кјара Линскенс уфрли 18, Жули Ванло 13, а Жули Алеман девет коша. Кај поразените, Кералт Касас постигна 14, Ракел Карера 12, а Паула Гинзо 10 поени. Во идеалниот состав за ЕП се најдоа три Белгијки, Алеман, Ванло и Месеман, Шпанката Алба Торенс и Французинката Сандрин Груда. На претходното ЕП, на кое славеше Србија, Франција беше втора, Белгија трета, а Белорусија четврта. Г.И.
Comments