top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Прва делегација македонски новинари во официјална посета на НР Кина

19.07.2021 Juli Ponedelnik


На аеродромот во Франкфурт, двочасовното чекање го минавме со пеење македонски песни, тивко, за душа, со што им го свртевме вниманието на патниците. Моја мерак-песна ми е „Нарочува бело Менде, порачува“, галичка петровденска свадбарска песна. Им легна на Сашо Насев, претседател на Здружението на новинари на Македонија, и на Лилјана Алтипармакова, уредничка во РТВ Скопје, кои ја сочинуваа првата официјална македонска новинарска делегација што патува во Кина, на возвратна посета по покана на нивните кинески колеги. Падна договор песната „Бело Менде…“ да ни биде заштитен знак на турнејата. Ја пеевме во меаните на седенките со кинеските колеги, на прошетката низ Кинескиот ѕид, во дискотека во Шангај, на плантажите со чај и на други места низ Кина. На крајот на патешествието бев пријатно изненаден, на аеродромот во Пекинг колегите ми подарија бело мече, да се сеќавам на заедничкото дружење. Уште еднаш им благодарам на Лиле и на Столе за гестот. Го дочекавме повикот на официјалниот спикер на аеродромот патниците за Пекинг да ја минат пасошката контрола и да се упатат во авионот „боинг 747-400“, со капацитет од 344 патници, сопственост на „Луфтханза“. Посетата, која беше возвратна, ја остваривме по покана на Секинеското здружение на новинарите (имаше над 550.000 члена). Нашето здружение во 1994 и 1995 година им беше домаќини на две кинески делегации на новинари, а јас им бев водич низ Македонија.

Во петгодишното опстојување на Република Македонија, како суверена, самостојна и незaвисна држава, македонската новинарска делегација беше прва што оствари официјална посета на НР Кина, во мај 1996 година. Се одлучивме да отпатуваме во мај, по предлог на кинеските колеги, бидејќи мај и јуни се најпогодни месеци за туристички посети. Програмата за престој, нашите домаќини ја реализираа во целост и притоа на ниту една средба не доцневме ниту минута, а не стануваше збор за одложување или промена на агендата. Имавме средби и разговори со првите луѓе задолжени за информирањето во Кина. Првата средба и запознавање ги имавме со раководството на Секинеското здружение на новинарите на Кина, со претседателот, неговите заменици и директорот за меѓународна соработка. На работниот ручек разменивме искуства за функционирањето и поставеноста на здруженијата, за проблемите и за продлабочување на соработката меѓу двете здруженија, со размена на новинари со неколкумесечен престој во двете држави. Во Министерството за информации имавме значајна средба со министерот, кој нѐ информира за поставеноста на информирање на национално и на локално ниво, за финансирањето на медиумите, за политиките за размена на информациите на национално и на меѓународно ниво. Незаборавни беа посетите на просториите на националната новинска агенција „Синхуа“ и на кинеската национална телевизија, одблизу видовме како функционира начинот на подготовките на новинарските текстови и проследувањето до корисниците. На разговорите, раководните луѓе на овие значајни информативни куќи на Кина нѐ запознаа со организацијата на работата и за нивниот пробив со информации во светот и за начинот на размена на информации. Посетивме издавачки куќи на весници и списанија, со неколкумилионски тираж, во Пекинг и во Шангај. Како што ни рекоа одговорните на весниците, за да стигнат во исто време до читателите во големата Кина, ги печатат во десетина печатници, кои ги покриваат регионите, за објавување реклама во весниците, се чека најмалку три месеци, побарувачката за платен оглас е голема. Посетивме и големи производствени капацитети за производство на свилени ткаенини.

Во Шангај ја посетивме фабриката во која се произведуваше машинска и електроопрема за македонската ХЕЦ „Матка“. На сите средби протоколот беше ист. На портирницата нѐ чекаше лице одговорно за односи со јавноста, кое нѐ водеше во салата за состанок. Веднаш доаѓаа нашите домаќини, ќе нѐ послужеа со чај или кафе, „кока-кола“, вода, вратата се затвараше и договореното време максимално се почитуваше. Додека трае разговорот, никој не влегува, а нема ни телефон. Затоа разговорот е ефикасен и ја постигнува целта. Особено нѐ импресионира приградската населба на главниот град Пекинг, Пудинг, која се наоѓаше во изградба. Во специјална сала на дирекцијата за изградба на населбата, стручњаците со видеопроекција ни го претставија целиот проект, што е изградено и што треба да се гради. Во населбата ќе живеат два милиони жители, колку нашата Македонија. Потоа со возило нѐ прошетаа низ населбата: широки улици со тротоари, дрвореди, фабриките заградени, со зеленило и со разновидни цвеќиња, паркинг за возилата на вработените и за службените возила, посебен паркинг за велосипеди. Истото се однесуваше и за станбените комплекси, уредени, изградени под „конец“, со сите потребни подземни и надземни инфраструктурни објекти. Пред да ја започнеме прошетката низ Кинескиот ѕид, нашиот домаќин, колегата Хуан Кинг, директор на секторот за меѓународна соработка со новинарските асоцијации за Европа и Централна Азија, ни рече: „Изградбата на овој најголем фортификациски објект во светот започнала во време на владеењето на Чин Ших Хуангти (221 – 210 пред нашата ера). Ѕидот го граделе како бедем – заштитник од честите напади на Хуните и на манџурските Татари. Изградбата траела сѐ до 17 век. Кинескиот ѕид се протега низ целата северна граница на Кина кон Монголија, од Тибет до над Пекинг и Тјенцин, во должина од околу 2.500 км. За да се мине целиот ѕид, потребни се пет-шест месеци добро одење“.

Постепено се искачуваме кон височините, кога ќе стигнеме до кулата, која се наоѓа на крајот на видикот, ѕидот продолжува до другата кула и така натаму, крај нема, а да го „дофатиме“ небото нема шанса. На одморалиштата пред кулите, одмораме, од мака со македонски патриотски и други песни, го подигавме моралот, во програмата неизбежна беше песната „Нарочува бело Менде“. Со пеењето го свртевме вниманието на посетителите од целиот свет, застануваа, нѐ слушаа, а потоа им ја исполнувавме желбата да се фотографиравме, во најмала рака како да бевме светски музички ѕвезди. Исто така, во рестораните, покрај просторните сали на приземјето, на првиот кат имаше посебни одаи, за шест, осум, десет и 15 лица. По квалитетната и обемна храна, следуваше караоке-програма. Домаќините го читаа текстот од телевизор и пееја изворни песни, а на крајот настапуваше нашето трио и ги воодушевувавме нашите домаќини. Во првите години по осамостојувањето на Македонија, Здружението на новинарите оствари богата меѓународна соработка со новинарските асоцијации на Кина, Украина, Албанија, Шпанија и со други. Најзначајно беше што Фиданка Танаскова, уредничка на „Нова Македонија“, во 1991 година поднесе барање до Меѓународната федерација на новинарите (ИФЈ-ФИП), со седиште во Брисел. На наша голема радост, во 1993 година бевме примени како рамноправна членка со уставното име Република Македонија. Истата година, во ноември, бевме одлични домаќин на Конгресот на новинарите на Европа, го одржавме во Охрид и учествуваа делегации на новинари од 130 држави од Европа. Учесниците на конгресот јавно ни изразија голема благодарност за гостопримството и за успешната организација на собирот на новинарите.

На колегите од Кина им бев домаќин и водич. Беа воодушевени од природните убавини, од црквите и манастирите, Бигорскиот манастир, „Св. Наум“ на Охридско Езеро, од плодната Пелагонија, археолошкиот локалитет Хераклеја во Битола, од главниот град Скопје, плантажите со винова лоза, полињата со тутун и Музејот за тутун во Прилеп, винарницата „Повардарие“ во Неготино. Комерцијалниот директор на оваа винарница се интересираше колку вино годишно консумираат жителите на Кина. Шефот на делегацијата му одговори дека точен статистички податок немаат, но ако секој Кинез годишно пие по литар вино, тогаш Кина троши над 1.200.000.000 литри вино. Директорот се зачуди, се замисли од ненормално големото количество вино што го пијат Кинезите, сепак, беше задоволен од одговорот.

www.novamakedonija.com.mk



17 views

Comments


bottom of page