top of page

Прв компјутер изграден без силициум

03.07.2025 Juli Cetvrtok

Во светот на електрониката, каде што секоја наносекунда и секој атом се важни, научниците од Универзитетот во Пенсилванија направија историски пробив – го создадоа првиот компјутер во светот што функционира целосно без употреба на силициум. Наместо тоа, тие користеа ултратенки, дводимензионални материјали, отворајќи ја вратата кон иднината во која компјутерите ќе бидат уште помали, пофлексибилни и енергетски поефикасни.

Според студија објавена во престижниот магазин „Нејчр“, новиот компјутер користи два напредни 2Д-материјали: молибден дисулфид (MoS₂) за транзистори од n-тип и волфрам диселенид (WSe₂) за транзистори од p-тип. Овие транзистори се клучни елементи на CMOS (комплементарни метал-оксид-полупроводнички) кола, кои ги напојуваат речиси сите денешни електронски уреди.

– Ова е првпат компјутер да биде направен целосно од 2Д-полупроводници – рече д-р Саптарши Дас, водечки истражувач и професор по инженерство на Универзитетот „Пен Стејт“ во Филаделфија.

Тој објасни дека, за разлика од силициумот, кој губи перформанси во екстремно мали размери, дводимензионалните материјали ги задржуваат своите извонредни електронски својства, дури и кога се дебели само неколку атоми. Тимот користел метод наречен метално-органски хемиски таложење на пареа за да произведе ултратенки слоеви од овие материјали. Тие изградиле повеќе од 1.000 транзистори од секој тип и прецизно ги приспособиле нивните напони за успешно да управуваат со функционално коло CMOS.

Иако овој прототип работи со многу помала брзина – само 25 килохерци, во споредба со милијардите циклуси во денешните комерцијални чипови – тој докажува дека компјутерската обработка е можна без употреба на силициум. Иако оваа верзија не е наменета за комерцијална употреба, таа ги поставува темелите за развој на следната генерација електроника. Во иднина оваа технологија би можела да доведе до лесни, флексибилни и енергетски ефикасни уреди, за употреба во преносливо инженерство, медицинска опрема или вселенска технологија.


 
 
 

Comments


bottom of page