top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Почнуваат подготовките за настап на третото ЕП во низа

ОДБОЈКА

За денеска е најавен почетокот на подготовките на македонската одбојкарска репрезентација за третиот настап на европските првенства (ЕП), за шампионатот за годинава, чија група Ц ќе се игра во Скопје. Домаќини на 34-то издание на европските првенства се и Италија (група А), Бугарија (група Б) и Израел (група Д). Македонија треба да го почне шампионатот на 30 август со дуелот со стариот познаник Данска (повеќе меѓусебни мечеви во Европската сребрена лига, првпат игра на ЕП по 10 години пауза), потоа следуваат мечевите на 2 септември со Црна Гора (третпат по ред на ЕП), следниот ден е средбата со Полска (актуелен светски вицешампион и освојувач на бронзени медали на претходните две ЕП), на 5 септември е дуелот со Холандија (петта на ЕП 2021) и на 6 септември со Чешка (осма на ЕП 2021, четврта годинава во Златната европска лига). Полска, Холандија и Чешка го обезбедија настапот на ЕП 2023 со високиот пласман на претходниот континентален шампионат, во 2021 година, а Данска и Црна Гора како две од најдобрите пет селекции меѓу второпласираните во квалификациите за ЕП 2023. Натпреварите во оваа група ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“, а влезниците се пуштени во продажба, преку интернет-страницата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето, а селекциите од групата Ц ќе ги продолжат натпреварите во Бари (Италија). Актуелен европски првак е Италија, сребрениот медал го освои Словенија, а бронзениот Полска. Македонската репрезентација до почетокот на годинашниот шампионат треба да одигра 11 тест-натпревари, и тоа четири со Јапонија, три со Романија, два со Израел, а по еден со Грција и со Египет. Македонија на континенталното првенство дебитира во 2019 година (17-то место), а потоа настапи и на следниот шампионат, во 2021 година (23-то). Н.М.

МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2023

Данска 30 август Црна Гора 2 септември Полска 3 септември Холандија 5 септември Чешка 6 септември мечевите се во СЦ „Борис Трајковски“, влезниците се пуштени во продажба преку интернет-страницата на ЦЕВ


1 view

Comments


bottom of page