Почнува „Скопје филм-фестивал“
Со отворањето на изложбата на плакати по повод 25 години „Скопје филм-фестивал“, во галеријата на Кинотеката на Македонија, вечерва, со почеток во 19 часот и потоа, во 20 часот, со проекцијата на канскиот победник „Триаголник на тагата“ започнува јубилејното 25-то издание на фестивалот.
И оваа година е направен избор на значајни филмови, а од придружните програми се издвојува изложбата на плакати за фестивалот, потсетување за тоа како растеше и созреваше „Скопје филм-фестивал“, како и одбележувањето на 50-годишнината на серијалот „Кум“ на Френсис Форд Копола, програма реализирана во соработка со Кинотеката на Македонија.
Во програмата „Светски филм“ ќе се прикажат филмови од најновата продукција: „Вози ја мојата кола“ на јапонскиот режисер Хамагуши, канадско-францускиот филм „Соколово езеро“ на режисерката Шарлот Ле Бон и аргентинско-шпанскиот „Официјална конкуренција“. Од програмата „Авторски филм“ го издвојуваме најновото остварување на Гаспар Ное, „Вител“, а тука се уште три филма во програмата „Фокус на европскиот филм“: „Корсет“ на режисерката Мари Крацер, „Едно убаво утро“ на Миа Хансен Лов, „Смачено ми е од себе“ на режисерот Кристифер Боргли.
Comments