Почнува сезоната, во фокусот се Одермат, Килде, Шифрин, Гоџа…
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Со традиционалните велеслаломски трки на отворањето на сезоната во австрискиот Зелден викендов почнува новата сезона на Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Интернационалната скијачка федерација одвои неколку клучни приказни за сезонава. l Марко Одермат против Александар Амод Килде, 2. рунда. Ривалството со кое пленеше алпското скијање минатата сезона може да достигне нови височини сезонава, бидејќи Марко Одермат (Швајцарија) сака дополнително да навлезе во брзината, територија на Александар Аамод Килде (Норвешка). Веќе доминантен во велеслалом, Одермат го крена својот брзински натпревар на друго ниво минатата сезона, победувајќи на шест од осумте трки во супервелеслалом за да го земе кристалниот глобус од Килде, кој победи на другите две трки. Сезонава Одермат ќе се насочи кон круната на Килде во спуст, откако го победи Норвежанецот и го освои златото на Светскиот шампионат во 2023 година. Одермат допрва треба да победи во спуст во СК (лани стигна до пет подиуми). Килде, кој победи на шест од 10-те трки во спуст минатата сезона, ќе се стреми кон својот трет последователен кристален глобус во спуст и ќе се обиде да ја врати својата титула во супервелеслалом. Одермат, пак, може да ги освои третите титули по ред во велеслалом и во вкупниот пласман, по неговиот рекорд во машка конкуренција од 2.042 поени во минатата сезона. Додека двете ѕвезди се подготвуваат да одат во трка на брзинските патеки уште еднаш, едно е сигурно: не трепнувајте или може да пропуштите, пишува ФИС.
Микаела Шифрин против книгите со рекорди. Што ќе направи Шифрин (САД) за бис сезонава, откако го собори рекордот на победи во СК на сите времиња лани? Американската суперѕвезда веќе постигна практично сѐ што може да се замисли во алпското скијање: 88 победи во СК, 15 кристални глобуси, две олимписки титули и неверојатен опсег на медали од светските првенства, кој вклучува седум победи и 14 подиуми од 17 старта. Лани таа победи на 14 трки од СК и го надмина женскиот рекорд на поранешната тимска колешка Линдзи Вон (САД) од 82 победи и вкупниот рекорд од 86 на легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк. И додека Шифрин не црпи мотивација од бркањето рекорди, иако веќе држи толку многу, има уште повеќе пред неа, пишува ФИС. Ако сезонава ја одбрани вкупната титула на СК Шифрин ќе го израмни женскиот рекорд на Австријката Анемари Мозер-Проел од шест големи кристални глобуси. Понатамошни мали глобуси ќе ја доближат Шифрин до резултатот на Вон од 16, рекорд што таа го дели со Стенмарк. И со некогаш далечните броеви 82 и 86 сега во нејзиниот ретровизор, на хоризонтот се наѕира уште една победа на СК. Ако Шифрин победи на 12 трки сезонава, подвиг што го постигна во три претходни сезони, таа ќе стане првата алпска скијачка што ќе ја достигне магичната бројка од 100 победи во СК.
Лукас Браатен ги води младите ѕвезди. Браатен и Атле Ли Мекграт, родени со два дена разлика, се младите предизвикувачи на долгогодишната и претходно едвај оспорувана титула на Хенрик Кристоферсен како технички мајстор на Норвешка, со четири титули во неговиот кабинет за трофеи. Но лани Браатен беше тој што ја освои титулата во слалом, на 22-годишна возраст. Кога Кристоферсен, на 21 година, го освои својот прв кристален глобус во слалом во сезоната 2015/2016, тој стапна на теренот на познатите ѕвезди како што е Австриецот Марсел Хиршер. Сега Норвежанецот стана постар ривал што се обидува да ги одврати ѕвездите што доаѓаат. Во велеслалом, Одермат изгледа незапирлив, а Кристоферсен беше втор во трката за титулите во таа дисциплина во претходните две сезони, откако ја освои во 2019/2020.
Софија Гоџа против планината. Ако има еден „телевизиски настан што мора да се види“ во алпското скијање што се издвојува над сите други, тоа може да биде нападот на Гоџа на спуст-патеките во СК за жени. Високоризичниот и високонаграден стил на брзо скијање на италијанската ѕвезда создава некои од највпечатливите моменти во спортот, пишува ФИС. Нејзиниот пристап „сѐ или ништо“ често резултира со спектакуларно закрепнување на падините, а нејзината решеност да се натпреварува по секоја цена брзо станува легендарна, нагласена со нејзината извонредна победа во Сент Мориц минатата сезона, откако ја скрши раката 24 часа претходно. Со 17 победи во СК во спуст (пет лани), 30-годишната Гоџа влезе во најдобрата женска петорка на сите времиња. Нејзината следна победа во спуст ќе ја однесе пред Швајцарката Михаела Фиџини, а пред неа ќе останат само три титани на спортот: Вон (43), Мозер-Проел (36) и Австријката Ренате Гетшл (24). Сезонава Гоџа може да ја освои четвртата титула по ред во спуст и вкупно петта. Рекордерка е Вон со осум титули во спуст, но додека Гоџија почнува да се засилува за домашните Зимски олимписки игри во 2026 година, таа по неколку години можеби ќе тргне по рекордот на нејзината добра пријателка. Н.М.
Comments