Почнува операцијата „пласман на ЕП 2024“
РАКОМЕТ
Од денеска почнуваат репрезентативните мини-подготовки, првиот дуел со Луксембург е в среда во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (19 ч.), а вториот со Турција е в недела на гостински терен. Во групата е и репрезентацијата на Португалија. Двете најуспешни селекции од секоја од осумте групи патуваат на ЕП заедно со четирите најдобри третопласирани репрезентации
Со вчерашниот прв собир на македонската сениорска репрезентација, закажан од селекторот Кирил Лазаров, во Скопје, и официјално почнува операцијата квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија (10-28 јануари). На списокот на селекторот Лазаров засега се наоѓаат 21 ракометар од Алкалоид, Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет и од Пелистер 2, како и тројца интернационалци, за дуелите против Луксембург в среда во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (од 19 часот), и в недела против Турција (16 ч.) на гости (16 ч.).
Во групата 1 во овие квалификации е уште и селекцијата на Португалиja, што само по себе доволно зборува дека црвено-жолтите имаат реални шанси да се пласираат на ЕП 2024, иако овој пат со една подмладена генерација. Двете најуспешни селекции од секоја од осумте групи патуваат на ЕП заедно со четирите најдобри третопласирани репрезентации. Домаќинот Германија и носителите на медали од ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска, веќе обезбедија учество на првенството. – Нашите амбиции и цeли, секако, се пласман на ЕП во Германија, а со самото тоа значи дека влегуваме и како фаворити во овие два квалификациски натпревара со Луксембург и со Турција. Овој пат ќе биде изменет ликот на репрезентацијата со отсуствата на Лазаров, Стоилов и Миркуловски, а тоа, пак, значи и подмладена репрезентација. Но тоа не ги менува нашите амбиции за настап на ЕП. Мислам дека има потенцијал и квалитет во оваа репрезентација и ние ќе го покажеме тоа на теренот – вели десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски.
Португалија, како и Македонија, има седум настапи на ЕП, и тоа во 1994 (12 место), 2000 (7), 2002 (9), 2004 (14), 2006 (15), 2020 (шесто, најдобар пласман) и 2022 (19). Македонија првпат настапи во 1998 година (12-та), а од 2012 (петта, најдобар пласман) следува континуиран настап, 2014 (10), 2016 (11), 2018 (11), 2020 (15) и во 2022 (22) година. И двете селекции досега не одиграле меѓусебен дуел на ЕП. Во португалската лига, македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски мошне успешно ги брани боите на Порто, а во првенството на Турција и на Луксембург не игра македонски репрезентативен ракометар. Г.И.
Влезници по 50 и по 100 денари
За љубителите на ракометот што ќе сакаат да го проследат во живо дуелот Македонија – Луксембург в среда (19 часот), продажната цена на влезниците е 50 и 100 денари. Билетите од петокот се во продажба на интернет-страницата на „МК Тикетс“ и можат да се набават и на сите продажни места на „МК Тикетс“ низ државата.
СОСТАВ
Голмани: Никола Митревски, Марко Кизиќ, Мартин Томовски Леви крила: Дејан Манасков, Цветан Кузмановски, Петар Атанасијевиќ Десни крила: Ненад Костески, Гоце Георгиевски Пивоти: Жарко Пешевски, Никола Марковски, Костадин Петров, Марко Стојковиќ Десни бекови: Томислав Јагуриноски, Мартин Серафимов Леви бекови: Филип Талески, Павле Атанасијевиќ, Иван Џонов Средни бекови: Филип Кузмановски, Игор Ѓоргиев, Марко Митев Дефанзивци: Михајло Младеновиќ
Comments