Почнува „лудилото“: Вуков подготвен за гламурозен старт во Монако
24.05.2023 Maj Sreda
Трките од Порше Суперкуп се дел од гран при викендите на Формула 1, па со откажувањето на оној во Имола поради поплавите, првиот настап на македонскиот возач Ристо Вуков во ова натпреварување од светски калибар, ќе биде низ улиците на кнежевството на Азурниот Брег.
Не постојат суперлативи кои досега не се кажани или напишани за трката во Монако. Најчесто споменуваниот е дека се смета „како бисер во круната“ на секој шампион, како и тоа дека победата таму е вредна „половина од титулата“ според легендарниот Енцо Ферари. Тоа се должи на „незгодниот карактер“ што ѝ го припишуваат на оваа тесна и свиоклива патека, каде што нема зони за излетување и секоја грешка се плаќа со удар во оградата.
– Од ноември минатата година, кога ги објавив своите планови за префрлување од италијанскиот Карера Куп во највисокиот по ранг Порше Суперкуп, па се до денес кога поаѓам за Монако, имав напорни обврски кои вклучуваа разни ангажмани околу промоцијата, тренинзите и тестирањата. Доаѓа моментот што го чекав и за кој мечтаев од времињата кога бев дете што настапува во картинг трките. Чувството е како кога ќе се заврши со редење на сложувалка, но сега почнува една нова и поинаква игра, за која верувам дека сум добро подготвен. Признавам дека потешко ми паѓаат обврските во меѓусезоната, возењето трки е нешто во што уживам,- изјави популарниот „Рико“.
Временските непогоди му се испречија на патот, па поради снежни наноси беше откажано тестирањето во Австрија на почетокот од април, а минатата седмица поради поплавите во покраината Емилија Ромања беше стопиран и гран при викендот во Имола. Од друга страна, ниту еден македонски возач досега не настапил на натпреварување што вклучувало и трка низ улиците на Монте Карло, што го прави Вуков да има уникатна улога и да „го скрши мразот“ со својот настап во кнежевството.
– Откажувањето на трката во Италија е нешто што е исто за сите учесници, додека по прашање на тестирањата можам само да констатираме дека таа битка со конкуренцијата е однапред загубена бидејќи немаме автодром во Македонија. Мојот нов тим „Омбра Рејсинг“ ми овозможи три теста во текот на зимата, но свесен сум дека одам во лига каде што има професионални возачи кои се на асфалтната патека речиси секој викенд, поради што верувам дека ме сметаат за аутсајдер. Лично за мене, ќе беше подобро ако се возеше Имола, бидејќи тоа е една од двете патеки на кои сум се натпреварувал до сега, а се дел од календарот на Порше Суперкуп. Монако отсекогаш била специфична трка, каде што главниот акцент е во квалификациите, бидејќи можноста за престигнувања во трка е мошне мала. За разлика од Карера Куп Италија, тука се вози само една трка и освојувањето на бодови е нешто што многумина го посакуваат. Јас посакувам само достојно да се справам со сите искушенија во текот на гран при викендот и со тоа во најдобро светло да се претставам и себе и мојата татковина Македонија на оваа најгламурозна трка во светот. Не очекувам да биде лесно, но немам што да загубам, можам само да добијам!
Официјалната програма предвидува тренинг сесија во четврток од 15.30 до 16.15 часот, а квалификациите ќе се возат во петок од 18.45 до 19.15 часот. Трката ќе се вози во недела од 12.05 и ќе трае 17 круга.
Comments