Почнува 21. Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“
Од денеска до 18 јуни во Охрид ќе се одржува 21. Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, на кој седумдесетина млади уметници од шеснаесет држави ќе се натпреваруваат во дисциплините виолина, пијано и камерна музика. Младите музичари од Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Германија, Полска, Австрија, Чешка, Грузија, Италија, Литванија, Шпанија, Турција и Украина ќе настапуваат во акустичниот амбиент на црквата „Св. Софија“.
Поради олеснување на ковид-мерките, годинава натпреварот е отворен за публиката во Охрид. Организаторите информираат дека стручната комисија е составена од десет члена – врвни уметници и педагози по виолина и пијано од повеќе европски престижни музички академии, како и од факултетите за музичка уметност од Скопје и Штип. На лауреатот, носител на наградата Гран-при, Општина Охрид му доделува ракотворба филигрански накит, а организаторот на натпреварот – охридски бисери.
Организаторите велат дека посебно значајна е и наградата на Европската асоцојација на музички натпревари (ЕМСИ) која на добитникот му овозможува годишна промоција на веб-страницата, учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови.
„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на ЕМСИ од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји. -Ова е првиот организиран меѓународен натпревар во областа на класичната музика во државата, којшто од 2002 година до денес поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на наградени учесници, па така привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет.
Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од вредните награди: парични награди во износ од 3.000, 2.000 и 1.000 евра за највисокорангираните, награди од здруженијата СОКОМ и СМУМ и од Фондацијата „Зографски“, се наведува во соопштението. Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и градоначалникот на Општина Охрид.
Comments