Почнува 124-та сезона на најстарата фудбалска лига во светот
АНГЛИЈА
Со мечот вечерва од 21 часот, помеѓу Кристал палас и Арсенал, почнува 31-та сезона на фудбалската англиска Премиер-лига, а вкупно 124-та сезона на најстарото клупско натпреварување во светот. Манчестер сити, кој беше шампион во четири од претходните пет сезони, оди на три титули во низа, нешто што во ерата на Премиер-лигата (од 1992 година) му успеа само на Манчестер јунајтед, пишува „Би-би-си“. Вкупно по три титули во низа имале и Ливерпул, Арсенал и Хадерсфилд. Премиер-лигата објави измени на неколку правила, како тоа за позицијата на голманот за време на изведување пенал (една нога на или зад гол-линијата), за офсајд во случај кога одбранбен играч ненамерно или неконтролирано игра со топката, потоа за употребата на вкупно 10 топки за време на еден меч (по една во игра и кај четвртиот судија и осум околу теренот поставени на соодветни конуси и контролирани од лица задолжени за тие топки)… Во тек е преодниот рок, сите тимови направија измени на составите, а според податоците на Премиер-лигата, клубови сменија, меѓу другите, Ерлинг Холанд (од Борусија Дортмунд во Манчестер сити), Филипе Кутињо (Барселона – Астон вила), Габриел Жезус (Манчестер сити – Арсенал), Рахим Стерлинг (Манчестер сити – Челси), Дарвин Нуњез (Бенфика – Ливерпул), Кристијан Ериксен (Брентфорд – Манчестер јунајтед), Иван Перишиќ (Интер – Тотенхем), Ричарлисон (Евертон – Тотенхем)… Лондон ќе има најмногу премиерлигаши, седум (Челси, Тотенхем, Арсенал, Брентфорд, Вест хем, Кристал палас и Фулам). Сезонава се враќа правото за по пет замени по тим за време на еден меч. Со влегувањето во елитата на Нотингем форест, во Премиер-лигата ќе играат сите пет тима од Англија што биле европски прваци (уште и Ливерпул, Манчестер јунајтед, Челси и Астон вила). Утре се играат уште шест меча, и тоа Фулам – Ливерпул, Евертон – Челси, Тотенхем – Саутемптон, Њукасл – Нотингем форест, Лидс – Вулверхемптон и Бурнмаут – Астон вила, а првото коло треба да го заокружат дуелите в недела Лестер – Брентфорд, Манчестер јунајтед – Брајтон и Вест хем – Манчестер сити. Вкупно 24 клуба досега биле прваци на Англија, Манчестер јунајтед има 20 титули, Ливерпул 19, Арсенал 13, Евертон девет, Манчестер сити осум, Астон вила седум, Сандерленд и Челси по шест итн.
Comentarios