Почнаа 16-те ПОИ, Наковска-Бикова единствена Македонка во Токио
25.08.2021 Avgust Sreda
ЛЕТНИ ПАРАОЛИМПИСКИ ИГРИ
Оливера е сериозна кандидатка за пласман во финалето, а таму сѐ е можно, изјави селекторот Јовановски пред заминувањето за Токио, каде што Наковска-Бикова, која на ПОИ 2012 го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 м, во Токио ќе настапи во три дисциплини
По церемонијата на свеченото отворање вчера и со првите спортски натпревари закажани за денеска, во услови на ковид-19, што претставува и дополнителен предизвик за организаторот, Параолимписките игри (ПОИ) 2020 во Токио, кои ќе траат до 5 септември, секако ќе бидат различни од сите претходни изданија. Секако, и поради фактот што 16-те ПОИ беа одложени една година поради постојниот вирус, како и фактот дека публиката не може да присуствува на спортските борилишта, освен мал број ученици, пишува „Би-би-си“.
Македонија на овие ПОИ ќе има само една натпреварувачка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, и тоа со исполнета олимписка норма, обезбедена на Светското првенство (СП) во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај 2018 година, во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри. Таа во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, во конкуренција на 31 натпреварувачка, а во финалето го освои бронзениот медал.
За неа настапот во Токио ќе биде петти во низа на ПОИ. Наковска-Бикова на ПОИ во Лондон во 2012 година го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 м. Таа ќе биде придружена од нејзиниот тренер и селектор на параолимписката репрезентација на Македонија, Бранимир Јовановски. Медалисти во стрелаштво на ПОИ биле и Јовановски (злато во Барселона, во 1992 година) и Ванчо Каранфилов (сребро во Атина, во 2004 година).
Наковска-Бикова, која е и македонска знаменоска на отворањето на Игрите, ќе настапи во три дисциплини, и тоа во воздушен пиштол од 10 метри (на 31 август), спорт пиштол од 25 м (2 септември) и пиштол, слободен избор од 50 м (4 септември). – Оливера се наоѓа во добра форма. Се обидуваме позитивно да ја прифатиме оваа непријатна состојба со ковид-19, која има големо негативно влијание врз сите аспекти од животот, вклучувајќи го и врвниот спорт. Апсолутно сум уверен дека Оливера се наоѓа меѓу врвните пет светски стрелци и е сериозна кандидатка за пласман во финалето, а таму сѐ е можно, вклучувајќи и освојување медал. Меѓутоа не се заморуваме со тоа, а ќе се обидеме да го извлечеме нашиот максимум. Дали ќе биде тоа доволно за медал, ќе видиме. Најважно е што пред заминувањето за Токио сериозно ги сфативме обврските и одговорностите со позитивна атмосфера – изјави Јовановски за „Нова Македонија“ пред заминувањето за Токио.
Токио е првиот град што бил домаќин на две ПОИ, првиот пат во 1964 година, кога 375 спортисти од 21 држава учествуваа во девет спорта.
Поради пандемијата, во рамките на т.н. балон, како и за Летните олимписки игри, постојат строги протоколи, вклучувајќи секојдневно тестирање за спортистите, задолжително носење маски и физичко дистанцирање.
Два нови спорта и рекорден број учесници
Бадминтон и таеквондо се двата нови спорта што ќе бидат дел од летните Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, кои доаѓаат на местото на фудбалот со седум играчи и едрење. На ПОИ ќе се одржат 539 спортски настани, во 22 спорта, на кои ќе учествуваат рекордни досега 4.537 спортисти. Најмногу спортски настани ќе има во атлетиката (167) и во пливањето (146), следуваат велосипедизмот (51), пингпонгот (31)… Та.Д.
Comments