Почна снимањето на најновиот македонски игран филм „17“; посветен на младите во критичните тинејџерски години
25.04.2024 April Cetvrtok
Во Музејот на Македонија почна снимањето на најновиот македонски игран филм со работен наслов „17“, дебитантско долгометражно остварување на режисерката Косара Митиќ.
Како што посочија од „Црна мачка продукција“, снимањето ќе се одвива на локации во Скопје и Битола. Филмот е инспириран од вистински настан кога студентка во 2016 го фрлила своето бебе во канта и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.
Остварувањето на Митиќ, каде што таа заедно со хрватски режисер и сценарист Огњен Свиличиќ се потпишува како косценарист, обработува тема посветена на младите кога тие се во критичните тинејџерски години, кога се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината, но и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи.
Како што посочува режисерката, „17“ ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за адолесценцијата и потрагата по потврда во дигиталниот свет, пејзаж кој постојано се менува, притоа, оставајќи ги изложени на притисоците од средината и потребата за истражување на нивната сексуалност.
Како што додаваат од продукцијата, пак, „17“ жанровски се дефинира како coming – of – age филм, а улогите ги толкуваат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.
Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, а копродуценти Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник.
За продуцентот Салковски, соработките со новите генерации значат нивно воздигнување во светот на филмот и домашната кинематографија, а придонесуваат и за доближување на нивниот свет до општеството.
Филмскиот проект „17“, „Црна мачка продукција“ го реализира во копродукциска соработка со „Арт&Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, како и со поддршка од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд.
Инаку, Косара Митиќ (1987, Скопје), има дипломирано на ФДУ на филмска и ТВ режија во 2013 во класата на проф. Столе Попов, а досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали низ светот.
Огњен Свиличиќ, пак, е наградуван хрватски режисер и сценарист, познат по филмовите „Да ми је бити морски пас“ (2000), „Опрости за кунг-фу“ (2004), „Армин“ (2007), „Таква су правила“ (2014), „Глас“ (2019). Неговите филмови се прикажани на фестивали како Берлин и Венеција и има добиено повеќе странски и меѓународни награди. Често работи како сценарист за други режисери, а има напишано сценарио и за неколку популарни хрватски серии. „Главата на големата риба“ е негов прв роман.
„Црна мачка продукција“, од 2015 година до сега има реализирано неколку долгометражни и кратки играни филмови, прикажувани и наградувани на некои од најзначајните филмски фестивали во светот: „Кошница“ на Блерта Башоли (Големата награда од жирито на Санденс ФФ 2021 година и косовски кандидат за номинација за Оскар за најдобар меѓународен филм што влезе во кратката листа од 15 филмови) и „Би ја погледнала“ (2019) од Горан Столевски, добитник на Наградата на жирито за краток филм: Меѓународна фикција на Санденс ФФ. За производство на „Фрост“ во компанијата се приклучил и Томи Салковски. Како што посочуваат од продукцијата, фокусот им се младите таленти.
Comments