Почна продажбата на билетите за СП во Катар
ФУДБАЛ
Светската фудбалска федерација (ФИФА) почна со првото аплицирање за продажба на билети за натпреварите на Светското првенство (СП) во Катар, кое треба да се игра од 21 ноември до 18 декември годинава. Аплицирањето ќе трае до 8 февруари. Доколу бројката на билети за кои се аплицира ја надминува расположливата резерва, тие ќе се доделуваат со извлекување, по случаен избор. Сите што аплицирале за билети ќе бидат информирани за резултатот од апликацијата до 8 март, соопшти ФИФА. Во согласност со политиката на ФИФА за издавање билети за светските првенства во 2010, 2014 и во 2018 година, жителите на земјата домаќин ќе имаат посебни попусти, па Катарците ќе можат да ги купат за 11 долари. ФИФА нуди и поединечни билети за групната фаза на СП 2022, по цена од 69 долари по натпревар за гледачите од странство, што е најниска цена од СП 2006, а билетот за финалето би можел да чини и до 1.607 долари, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). – Првото светско првенство на Блискиот Исток и во арапскиот свет ќе биде извонреден настан. Катар едвај чека да ги собере навивачите за да ја прослават заедничката страст за фудбалот, да доживеат нова култура и да уживаат во сето она што имаат да го понудат нашата земја и регион – изјави Насер ал Катер, претседателот на организацискиот комитет на СП во Катар, пренесе ФИФА на својата интернет-страница. ФИФА и Владата на Катар „го ставаат здравјето на прво место“ и ќе ги применат сите „потребни заштитни мерки“ за финалниот турнир, соопшти ФИФА во врска со мерките против ковид-19. Сите фудбалери, официјални лица и гледачи ќе „мора да ги почитуваат советите за патување од катарските власти“, пишува ФИФА.
Commentaires