top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Почна конзервацијата и реставрацијата на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благов

Почна конзервацијата и реставрацијата на исклучителниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“. Конзерваторите од прилепскиот и од битолскиот Завод и музеј ја почнаа првата од фазите на заштитата и зачувувањето на ова ремек дело, едно од трите во земјава.

Според Оливера Макриевска, овластен конзерватор од Завод и музеј- Битола, направени се обемните истражувања и процени. Иконостасот не може да падне, во релативно добра состојба е, но што побрзо мора да се запре процесот на разјадување. Со инјектирање и заштита се почна од основата, првиот кат на иконостасот.

– Според истражувањата што ги направивме, ја анализиравме техниката и изработката на иконостасот и дел од иконите кои се негов составен дел и се вградени, како и претходните интервенции што се вршеле, дали контролирани или не. Конкретно, состојбата на конструкцијата на иконостасот, иако не можам да речам генерално, но е релативно добра. Не можам да речам дека е лоша, тогаш во опасност ќе биде Иконостасот. Но е во процес кој треба да се сопре. Треба да се зајакне стабилноста на конструкцијата, што е многу битно. Тоа е скелетот што го држи целиот велелепен Иконостас и ќе треба да има интервенции на резбаните делови, предната страна, и на иконите. Времето си го направило своето. Иконостасот, претежно е работен од оревово дрво, а користен е и бор, но само за одредени елементи во заднината, вели Макриевска.

Конзерваторите заклучиле дека и покрај тоа што во минатото е правена одредена дефумигација, сепак има оштетувања.

– Дрвото е подложно на влијанија, на габи, инсекти. Откриени се активни црвоточни, црвојадни отвори, иако не се во голема мерка, но се активни. Сето тоа, и интервенирањето некогаш со боја, треба да се отстрани, како втора, понатамошна фаза. Моментално сега работиме на површинско остранување, на чистење на Иконостасот. Во иднина препорачливо е да има чистење, стручно, барем двапати годишно. Започнавме со првиот кат на иконостасот. Ги работиме парапетните плочи со инјектирање, се врши дезинфекција, дезинсекција со специјални препарати и премачкување, исто така, на целокупната резба и се врши импрегнација во тие отвори. Се вршат интервенции и на вградените икони. Се отстранува нечистотијата, се вадат преслики. Бидејќи најизложен е долниот дел, на влага, црвојаднини, почнавме оттука. Ваквите значајни дела се како „хроничен пациент“ и постојано треба да се лекува за да се одржи за наредните 100-200 години, објаснува Макриевска.

Блаже Атанасоски, директор на прилепскиот Завод и музеј вели дека проектот е повеќегодишен, ќе трае барем четири години и ќе следува зајакнување на Иконостасот со додавање нови столбови.

-Драго ми е што го реставрираме и го конзервираме ова исклучително дело кое со години беше запоставено. овој Иконостас е еден од најпознатите. Од 18 век е, работен од мијачките мајстори кои изработиле три вакви исклучителни Иконостаси, заедно со оние во Бигорскиот манастир и во скопската црква „Свети Спас“. Овој во прилепската црква „Свето Благовештение е најголем, најмонументален. Работиме околу еден месец, на првата фаза, инјектирање на отворите од штетницитеи се конзервираат осликаните и изрезбарени делови. За оваа година, за првата фаза имаме одобрено средства од 280 000 денари, а се одобрени ( околу 300 000 денари) за наредната година за да продолжиме со двете фази. Овој проект ќе биде долгорочен. барем четири години. Опфатен е комплет конструктивниот дел. Во задниот дел ќе се зацврстуваат, ќе обноват носечките столбови на Иконостасот. ќе се постават нови, покрај базичните столбови. Така ќе се обнови и ќе се заштити Иконостасот кој би траел наредните 100-200 години, изјави Атанасоски.

Иконостасот, стар преку 180 години е еден од трите изработени од мијачките мајстори, по оние во Бигорскиот манастир и во скопската црква „Свети Спас“. Најмонументален е со димензии 16 на 7 метри.


1 view

Comments


bottom of page