top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Почна 17. издание на „Локум фест – музика и традиција“

Синоќа, на платото пред велелепниот Офицерски дом – КИЦ Битола, во рамките на „Бит-фест 2023“, почна 17. издание на налканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција“. Честа да го отвори годинешното издание на фестивалот ѝ припадна на реномираната македонска етногрупа „Баклава“, која го промовира својот нов музички албум „Од Скопје со љубов“… Токму „Баклава“ беше доволна провокација за многубројната публика да ги заземе седиштата уште пред концертот да почне. Вториот концерт во првата фестивалска вечер го донесе виртуозниот ансамбл од Грција @Loxandra Ensemble – Λωξάντρα. Токму концертот на оваа група ја вивна атмосферата до еуфорија, танц и овации. Атмосферата беше збогатена со многубројни презентации на ракотворби, кафе и локуми, рачно изработен накит и слично. „Локум фест“ е фестивал што негува македонска и балканска музичка и духовна култура, која ги зближува луѓето. Првпат годинава „Локум фест“ има и Оф-програма, која само ја продолжува можноста да се уживаа во овие исклучителни моменти. Плоштадот Магнолија и вино барот „Буре“ ечеа од песни и ора на Македонци, Грци, туристи, минувачи… Песната не познава граници… Вечерта македонската чалгија им го озари лицата на присутните, а појавата на виртуозот на кларинет, почитуваниот Вевки Амедов, ја подигна атмосферата до еуфорија. Тоа беше доволна провокација за членовите на Loxandra ensemble да се приклучат со интерпретирање на традиционалната музика. Фестивалот продолжува вечерва со настап на „Елијас ладино-ансамбл“, кој ќе нѐ наврати на препозналивите ладино-песни на стара Битола. Како посебен куриозитет на вечерта е изложбата на авентични фотографии од Државнот архив – одделение Битола, со наслов La Mahalle – битот на нашата ладино-заедница од авторите Димитар Ѓорѓиевски и м-р Ивана Хаџиевска. Вториот концерт за вечерва му припаѓа на големото музичко име со македонски корени, словенечкиот музичар Васко Атанасовски, кој ќе настапи со промоција на албумот „Мелем“, а специјален гостин на концертот е македонската пејачка Добрила Грашеска. Дружењето продолжува во хотелот „Театар“, со вечер посветена на ладино-музиката. Фестивалот завршува на 20 јули, в четврток, со традиционална вечер во старата битолска чаршија, на пешачката улица покрај реката Драгор, со промоција на ромската култура и настапот на групата „Јужни ѕвезди“ и Вевки Амедов со поддршка на Фондацијата „Преда плус“, а насловно име на последната фестивалска вечер е турско-данскот бенд Ypek yolu („Патот на свилата“).






0 views

Comentarios


bottom of page