Почина Џузепе Монтанари, уметникот кој три децении го црташе „Дилан Дог“
Италијанскиот стрип-уметник Џузепе Монтанари, еден од креаторите на култниот стрип „Дилан Дог“, почина на 86-годишна возраст. Веста за смртта на уметникот е објавена на официјалната фејсбук-страница на издавачката куќа на споменатиот стрип.
„Џузепе Монтанари нè напушти. Тој, заедно со Ернесто Грасани, нè поведе во бројни, незаборавни авантури на Дилан Дог“, објави издавачката куќа на Фејсбук. Монтанари го имаше своето деби во серијалот „Дилан Дог“ веќе во третото издание, во епизодата „Ноќ на полна месечина“, во 1986 година.
Уметникот е роден во Сан Џовани ин Персичето, град во провинцијата Болоња, на 26 ноември 1936 година. Во 1954 година, по завршувањето на средното училиште, тој започнал да работи како соработник во уредувачкото студио „Д’Ами“, прво на вестерн серијалот „И тре Бил“, а подоцна цртајќи бројни вестерн приказни, како додаток за публикациите „Кучиоло“ и „Тирамола“.
Во 1986 година се приклучил на тимот на „Дилан Дог“, каде заедно со Ернесто Грасани станал еден од најпознатите и најпрепознатливите карикатуристи, создавајќи 27 приказни од редовната серија од 1986 до 2017 година. Од декември 2021 година, овој пат заедно со Паоло Бацилиери, тој стана уметник на насловната страница на двомесечниот „Дилан Дог олдбој“
コメント