Почина Љупчо Константинов - македонски мајстор на филмската музика
17.10.2024 Oktomvri Cetvrtok
Љупчо Константинов својот работен век го поминува во Македонската радио-телевизија. Во 1975 година се вработува во Радио Скопје како музички соработник во „Редакцијата за размена на програми со локалните радиостаници и странство“, подоцна работи како музички новинар, потоа продуцент во музичката продукција на радиото, уредник на забавна програма на Македонската радио и телевизија...
Големиот македонски мајстор на филмската музика, композиторот Љупчо Константинов почина денеска. Тој е автор на музиката за филмовите „Среќна нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-Фај“ и други.
Роден е на 11 декември 1946 година во Охрид, средното музичко училиште го завршил во Битола, а музичката академија во Белград. Љупчо Константинов својот работен век го поминува во Македонската радио-телевизија. Во 1975 година се вработува во Радио Скопје како музички соработник во „Редакцијата за размена на програми со локалните радиостаници и странство“, подоцна работи како музички новинар, потоа продуцент во музичката продукција на радиото, уредник на забавна програма на Македонската радио и телевизија, а својот работен век го завршува како композитор за програмските потреби на Македонската радио-телевизија.
Во текот на повеќе од 40-тина години успешно соработува со голем број познати имиња од театарската уметност, филмска и телевизиска во земјава како и надвор од неа. како автор на музика, за бројните театарски претстави, филм и телевизиски проекти, музички композиции и аранжмани доделени му се голем број награди и високи признанија во земјава и светот, меѓу кои и наградата за животно дело на Сојузот на композиторите на Македонија и државната награда за животно дело „11 Октомври“.
Comments