Почина Љубиша Никодиновски-Биш, еден од основачите на „Млад отворен театар“
- Aleksandar Santovski
- Aug 10, 2022
- 1 min read
На 73-годишна возраст почина Љубиша Никодиновски-Биш (1949-2022), театарски актер и продуцент, долгогодишен селектор на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ) и еден од неговите основачи во 1976 година.
Творештвото на Никодиновски-Биш е богато. Покрај со театарска критика и есеистика, работеше и како театарски глумец и продуцент, а беше и раководител на театри и на фестивали. Како театарски глумец, работеше во театарот „Кај Свети Никита Голтарот” и во театарската работилница „ФФ (Зелена гуска)”. Исто така, има објавено голем број статии и студии од областа на театарот, а во 2009 година излезе од печат и неговата книга „Алтернативниот театар во Македонија”. Тој беше оригинален и препознатлив градски лик, кој беше пионер во создавањето и растот на културната алтернатива на Скопје.
Биш извршуваше повеќе раководни функции во областа на театарот. Работеше во Македонскиот народен театар, како продуцент и раководител на театарот Центар. Во МКЦ беше помошник на директорот за драмска програма и беше еден од основачите и генерален секретар на Македонскиот центар на ИТИ – УНЕСКО.
Во 2010 година беше прогласен за почесен претседател на МОТ.
Биш ќе биде погребан в петок (12 август), во 9 часот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Comments