top of page

Почина Рамуш Муарем – Цирко, легенда на ромското новинарство и автор на „Циркотека“

04.05.2026 Maj Ponedelnik

Почина Рамуш Муарем – Цирко, истакнат македонски новинар, уредник, актер и долгогодишен активист за правата на Ромите, на 64-годишна возраст. Веста за неговата смрт брзо се прошири на социјалните мрежи, каде бројни граѓани, колеги и пријатели се простуваат од него.

Муарем подолг период се борел со болест, а зад себе остава значаен белег во медиумскиот и јавниот живот.

Информацијата за неговата смрт ја сподели и Габриел Бајрам, син на поранешниот политичар Амди Бајрам, кој се прости со емотивна порака.

„Се збогувам со тебе, драг Цирко. Беше вреден и прекрасен човек. Енергијата која ја носеше со тебе и ја ширеше меѓу луѓето даваше надеж дека нештата не се така темни“, напиша Бајрам.

Цирко беше најпознат по култната емисија „Циркотека“, која се емитуваше на ТВ БТР и стекна огромна популарност кај публиката. Шоуто остана запаметено по автентичниот хумор, гафовите и урнебесните моменти кои и денес се споделуваат на социјалните мрежи.

Покрај телевизиската кариера, Рамуш Муарем беше препознаен и како гласен борец за правата на ромската заедница, човек кој преку својата работа и јавни настапи настојуваше да ги поврзува луѓето и да придонесе кон поголема еднаквост и разбирање.

Неговата смрт претставува загуба за македонското новинарство и за јавната сцена, особено помеѓу ромската популација, а спомените за неговата енергија, хумор и посветеност ќе останат да живеат меѓу генерациите што го следеа.


 
 
 

Comments


bottom of page