top of page

Почина на 36 години, но мистеријата за смртта на Мерилин Монро не стивнува ни по 64 години

05.08.2026 Avgust Sreda

Иако изминаа повеќе од шест децении од нејзината смрт, Мерилин Монро остана едно од најпрепознатливите лица во светот. Малкумина успеале да остават толку силен печат низ годините како што тоа го направи холивудската ѕвезда која и денес важи за најголемиот секс-симбол на дваесеттиот век.

Но, зад нејзината препознатлива насмевка и платинесто русата коса, се криеше комплексна и трагична животна приказна.

Од тешкото детство на Норма Џин до светска слава

Родена како Норма Џин Мортенсон на 1 јуни 1926 година во Лос Анџелес, нејзиниот живот уште од самиот почеток бил исполнет со тешкотии. Поради психолошките проблеми на нејзината мајка и отсуството на татковската фигура во детството, голем дел од истото го поминала во дом за сираци и дури 11 згрижувачки семејства.

Својот пат кон славата го започнала како фотомодел, а во 1946 година го избрала уметничкото име Мерилин Монро. Иако кариерата ја започнала скромно, филмовите како „Нијагара“, „Мажите повеќе сакаат русокоси“, „Како да се омажиш за милионерка“ и „Седум години верност“ ја претворија во светски позната личност.

И покрај тоа што јавноста најчесто ја памети по нејзиниот гламурозен иглед, Мерилин имала голема страст кон книжевноста, поседувала домашна библиотека од над 400 книги. Токму поради тоа што луѓето често ја оценувале по надворешниот изглед, таа во една прилика изјавила:„Холивуд е место каде што ќе ви платат илјада долари за бакнеж, а педесет центи за душата“.

Големи љубови и контроверзни врски

Како глобална икона, нејзиниот приватен живот постојано бил под лупа на јавноста. По првиот брак со Џејмс Доерти, Мерилин се омажи за бејзбол-легендата Џо Димаџо, а подоцна и за познатиот драмски писател Артур Милер. Сепак, ниту еден од овие бракови не ѝ го донесе посакуваниот спокој.

Еден од најпознатите моменти во нејзиниот живот остана сензуалната изведба на песната „Happy Birthday, Mr. President“ за 45-тиот роденден на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во „Медисон Сквер Гарден“ во 1962 година, настап кој поттикна бројни гласини за нивната тајна афера.

Мистериозниот крај и вечната фасцинација

На 4 август 1962 година, на само 36-годишна возраст, Мерилин Монро беше пронајдена мртва во својот дом во Лос Анџелес. Официјалната причина за смртта беше заведена како веројатно самоубиство од предозирање со барбитурати, но исчезнатите докази и контрадикторните сведочења со децении поттикнуваат бројни теории на заговор.

Денес, децении подоцна, фасцинацијата од Мерилин Монро не стивнува. Нејзините лични предмети, од приватни писма, поезија и рачно напишани белешки, па сè до нејзиниот накит и фустани, продолжуваат да достигнуваат милионски суми на аукциите ширум светот, потврдувајќи го нејзиниот статус на холивудска икона чија приказна и понатаму го воодушевува светот.


 
 
 

Comments


bottom of page