top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Почина македонскиот скулптор Илија Аџиевски, доајен на македонската ликовна уметност

На 97 годишна возраст вчера почина познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски, доајен на македонската ликовна уметност.

Илија Аџиевски е роден во Струга на 22.12.1926 година. Основно училиште завршил во Струга во 1938. Образованието го продолжил во Дебар во Економското училиште. Во 1942 година се вклучил во младинското движење за отпорот против фашизмот. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровки, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност. Во 1949 година се запишал на академијата за ликовни уметности во Белград во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, 1954 година. Неговите студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и Египет. По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на ДЛУМ.

Во својот работен век има создадено голем број на споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Излагал на голем број самостојни и групни изложби, а добитник е на голем број признанија и награди. Живеше и твореше во Скопје.

Минатата година, во октомври во Даутпашинот амам беше отворена изложбата „Портретот во фокус“ која пред јавноста го претстави богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор.

„Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги ‘ослободи од заробеништво’ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет“, беше истакнато кон изложбата.

Погребот на Илија Аџиевски е закажан за денес, 25 октомври, во 14.00 часот, на градските гробишта во Струга.



0 views

コメント


bottom of page